Христов:Општина Струмица успешно ја заврши 2015 година

Советот на општина Струмица денеска ја одржа 39-та седница на која беа усвоени извештаите за реализација на програмите на Општината за 2015 година и повеќе одлуки од областа на урбанизмот. Според Јосиф Христов, претседател на Советот, општина Струмица успешно ја заврши 2015 година.

Најголемо внимание меѓу советниците предизвикаа извештаите за реализација на програмите за уредување на градежното земјиште, за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици на територијата на општина Струмица, за изработка на урбанистички планови, за реализација на програмата за активностите на Општината во областа на спортот и млади, за активностите во областа на локалниот економски развој и туризам, за активностите во областа на социјалната и детската заштита и за реализација на програмата во областа на еднаквите можности на жените и мажите и сето тоа за 2015 година. Советниците најмногу дискутираа околу реализацијата програмите и во кој обем тие се реализирани, едната советничка група смета дека не е доволно реализирано, а другата советничка група смета дека согласно исполнувањето на буџетот од 87 насто и согласно нашите економски можности е реализирано сето тоа што е можно да се реализира. Секако дека може и подобро, но треба да знаеме дека буџетот на општина Струмица секогаш не го реализираме 100 проценти, така што и програмите не се реализираат 100 проценти, а нереализираните проекти од програмите се реализираат во следната година. На дневен ред беа и 15 точки за легализација на бесправно изградените објекти, сите кои што можеа се усвоија за да можат граѓаните понатаму да ја запазат постапката пред урбанизмот, согласно законот. Јас ќе кажам дека општина Струмица доста реализираше во 2015 година и се смета за успешна година. Изградени се доста улици, реализирани се тротоари како во Струмица така и во населените места, проекти во подземната инфраструктура, како што се канализации, водоводи, исто така во голем обем е реализирана и гасификацијата и со тоа сметам дека општина Струмица успешно ја заврши 2015 година и програмите се успешно реализирани во рамките на нејзините можности, рече Христов.