Конституиран Локален совет за превенција на Општина Струмица

Во Домот на АРМ во Струмица, на 19 март 2008 година, се одржа работна конференција за конституирање на Локален Совет за Превенција на општина Струмица. На работната конференција беа присутни голем број поканети учесници: пратеници во Собранието на РМ кои живеат во општина Струмица, советници од Советот на општина Струмица, претставници од локалната самоуправа, претставници од ОБСЕ-мисија во Скопје, претставници од МВР-Скопје и СВР-Струмица, основниот јавен обвинител, заменик народниот правобранител, раководители на институции, организации, подрачни единици на министерства, директори на основни и средни училишта од општина Струмица, претставници од верски заедници, НВО, локални медиуми и други.

Воведот на работната конференција му беше доверен на секретарот на општина Струмица, г-динот Кирил Парталов, кој на почетокот ги запозна учесниците со агендата и го повика Градоначалникот на општина Струмица, господинот Зоран Заев, да ја отвори работната конференција.
Градоначалникот на општина Струмица, во своето обраќање ги поздрави присутните и меѓу другото рече:
„Проблемите во општествено-економскиот, политичкиот и воопшто во секојдневниот живот не доаѓаат сами по себе, ниту пак се решаваат сами по себе. Откако една причинско-последична врска предизвикала проблем, секогаш сме се запрашале: Како да го решиме настанатиот проблем. Честопати, одговорот го бараме надвор од нашата средина, честопати одговорот е во нас, но потребна е одлучност нештата да ги решаваме и да не претставуваат проблеми. Само спроведувањето на законот нема никогаш да помогне. Превенцијата како мерка во сите области е добредојдена. Безбедноста во сообраќајот, решавањето на проблемот на злоупотреба на дрога, хигиената низ градските улици, животната средина, воспитно-образовниот процес, здравјето на луѓето, социјалната заштита, заштитата на имотот и лицата и многу други области од интерес, треба да бидат основни прашања за кои сите ние, не по наш избор и волја, туку како обврска да ги сфатиме и одговорно да ги решаваме.
За нашата сегашност и иднина овој пат се собравме сите заедно овде-политичари, медиуми, полиција, раководители на организации, институции од државно и локално ниво, индивидуалци, од сите области на секојдневното живеење, во една хармонија, координирано да почнеме да ги идентификуваме проблемите во нашата локална средина, да ја дефинираме нашата политика на работа и да изградиме стратегија за одлучни чекори за имплементација на заедничко партнерство во еден наш општински Локален Совет за Превенција“.

Потоа, кон присутните се обрати началникот на СВР-Струмица, г-динот Марјан Наковски, а збор доби и претставникот од МВР-Скопје, г-динот Мите Стојков, полициски советник во секторот за јавен ред и мир при МВР на РМ. Презентација на фазите, методологијата и улогата на Локалниот Совет за Превенција изврши г-ѓа Јана Напа, претставник од ОБСЕ-мисија во Скопје. Таа меѓу другото го објасни работниот систем, фазите кои треба да се следат и зошто е важно да се склучи договор за учество во ЛСП.

По презентацијата и заслужената пауза, учесниците дискутираа за различни проблеми и теми, кои би биле предмет за работа на Локалниот Совет за Превенција. За збор се јавија пратеникот во Собранието на РМ, г-ѓа Цветанка Иванова, заменик народниот правобранител, г-ѓа Славјанка Михајловиќ, претставникот од НВО ИЗБОР, г-динот Сократ Манчев, директорот на СОУ ,,Димитар Влахов,, г-ѓа Слаѓана Даова, раководителот на дирекцијата за справување со кризи, г-динот Милан Русев, претставникот од македонската православна црква, отец Арсениј и др. заинтересирани присутни.
Беа истакнати проблемите со злоупотребата со дрога, малолетничката деликвенција и проституција, питачењето, недоличното однесување на малолетниците, лошото паркирање на возила на улиците и булеварите, дивите депонии, бучавата од локалите и други.
Градоначалникот на општина Струмица особено ги потенцира проблемите со:
-шумската кражба во околината на Струмица,
-младите со мотори и
-дивите депонии.

Тој истакна дека тоа се приоритети на кои веќе се работи и се преземаат мерки и активности за надминување на проблемите. По исцрпната дискусија од присутните, Градоначалникот на општина Струмица официјално го прогласи Локалниот Совет за Превенција на општина Струмица за конституиран, со објаснување дека во наредниот период со институциите и организациите ќе се склучи договор за учество и работа во ЛСП, а објави и дека за еден месец ќе се случи и втората средба на ЛСП, на која ќе се реферира за приоритетите и ќе се поднесат податоци за останатите проблеми, со цел за започнување на конкретни активности.