Откриен споменикот на бранителите на Република Македонија од 2001

Денес, во склоп на свеченостите организирани по повод денот на заштитниците на Струмица, Светите Петнаесет тивериополски маченици, Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев го откри Споменикот на бранителите на Република Македонија од 2001 година, посветен на струмичаните Атанас Јанев и Коле Китанов. Споменикот е дело на академскиот ликовен уметник Димитар Филиповски од Скопје.

Градоначалникот Зоран Заев, во своето обраќање пред Споменикот рече:

“Денес кога го славиме денот на заштитниците на Струмица го славиме и споменот на новите заштитници на нашата слобода и слободата на нашата татковина и нејзиниот суверенитет. Во името на тој спомен, општина Струмица подига паметник на своите синови, како конкретен чин на едно наше заедничко завештание. Споменикот на нашите бранители е уште еден неизбришлив доказ дека струмичани од памтивек до денес давале значаен придонес во скицирањето на автентичниот историски амбиент во нашава Македонија. Од денес, овој споменик ќе знае на најубав можен начин да не потсетува дека воениот конфликт во Македонија од 2001 година е значајна историска епизода од нашето битисување, без која нашиот светоглед кон иднината, можеби ќе имаше поинаков приказ.”

Веднаш после откривањето, споменикот беше осветен од страна на митрополити од Македонската православна црква.

Споменикот е дело на академскиот ликовен уметник Димитар Филиповски од Скопје и ја означува жената – пеперутка, со својата динамична линија, која претставува феникс кој се издигнува од пепелта и продолжува да живее, како што ќе живее почитта кон нашите бранители Атанас Јанев и Коле Китанов.