Учениците од СОУ „Никола Карев“ одржаа симулација на седница на Совет на општина Струмица

Во организација на Центарот на заедницата на општина Струмица, а во соработка со Советот на општина Струмица, денеска, се  реализираше симулација на седница на Советот со учениците од четврта година од средното општинско училиште „Никола Карев“ од Струмица, под менторство на Марјан Ефтимов, професор по граѓанско образование.

Целта на симулацијата беше да се запознаат младите со функциите, улогата и работата на Градоначалникот, Советот на општината и процесот на донесување на одлуки на локално ниво, како и облиците со кои граѓаните непосредно учествуваат во одлучување за прашања од локално значење. На симулацијата и претходеа повеќе консултативни средби со претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, директорот на СОУ „Никола Карев“ Драган Јанков и професорот Марјан Ефтимов како ментор на активноста, како и со учениците-учесници во симулацијата. На часовите по граѓанско образование им беше објаснета целта на оваа активност, како дел од практичната настава по предметот, а од Советот на општина Струмица беа собрани корисни материјали од седници кои ќе им послужат на младите во учењето на демократски процеси. Учениците беа поделени по улоги и тоа: градоначалник, претседател на Совет, членови на Совет од „жолта“ и „бела“ партија, секретар, директор на училиште, претседатели на комисии и слично.Реализацијата на симулацијата е поврзана со Стратегијата за млади на општина Струмица чии приоритети се зголемување на улогата на организациите на младите како партнер на Општината и зголемување на вклученоста на младите во процесите на одлучување.