Општина Струмица ја одбележа 145-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

Општина Струмица ја одбележа 145-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење. Пригодната свеченост се одржа пред неговиот споменик на истоимениот плоштад. За животот и делото на Делчев зборуваше Костадин Костадинов, заменик градоначалник на општина Струмица, кој меѓу другото рече:

„Се собравме во овој студен февруарски ден, уште еднаш да направиме достојно чествување на човекот кој ја задолжи Македонија и нејзините граѓани. Се собравме да ја одбележиме 145- годишнината од раѓањето на големиот македонски син Гоце Делчев, идеологот на револуционерното движење во Македонија и борецот за правдата и слободата на македонскиот народ. Нашата пребогата македонска историја чува низ своите бројни страници, голем број имиња и презимиња на луѓе кои го дале својот несебичен влог за борбата и опстојот на Македонија, но чинам дека името на Гоце Делчев го зазема самиот врв во тој историски именик. Останува по кој знае кој пат да потврдиме и да повториме дека Гоце Делчев беше војник за слободата, стратег и професионален револуционер, ум со висок капацитет и широчина и човек со брилијантна визионерска обдареност. Гоце не само што гледаше кон иднината, туку и чекореше кон неа. Делчев ќе остане запаметен и по неколку негови легендарни мисли кои остануваат да сведочат за неговата генијалност и да бидат огледало за неговиот лик и дело. Во оваа прилика ќе издвојам само една во која тој вели: „Македонија има свои интереси и своја политика , таа им припаѓа на сите Македонци. Оној што сака да ја присоедини кон Бугарија или кон Грција, тој може да се мисли за добар Бугарин или добар Грк, но не и за добар Македонец. Таков Бугарин или Грк го поддржува и вечниот конфликт меѓу балканските народи кои треба да живеат во братска дружба, за да бидат посреќни. Македонија и припаѓа на сите Македонци, без разлика на религии, нации и јазици. Во утрешна слободна Македонија ќе се здружат сите Балкански народи“. Ете така размислуваше Гоце Делчев. Ете така, драги мои сограѓани, Гоце ја сакаше Македонија, зборуваше за Македонија и се бореше за Македонија. Македонија тоа треба да го памети за вечни времиња и бескрајно да му биде благодарна“. Во знак на почит, пред споменикот цвеќе положија претставници на општина Струмица, Општинскиот сојуз на борците, јавните институции, политичките партии и други почитувачи на неговото дело. По повод 145-годишнината од раѓањето на Делчев, членовите на рецитаторската секција при ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса го изведоа рециталот „Делата Делчеви, достојни за почит и слава“.