Пуштено топловодно греење во училиштето во Просениково

Почитуван г-дин Вршител на должност Градоначалник, почитуван г-дин Претседател на Совет на општина Струмица, почитувани раководители на општински институции, почитувани колеги наставници, драги ученици и гости.

Во изминатите три ипол години во ООУ „Герас Цунев“- Просениково, се реализираа повеќе активности, меѓу кои беше и реализацијата на капитални инвестиции со кои конечно се решија долгогодишните проблеми со кои се соочуваа учениците и вработените во ова училиште. Имено, денес училиштето располага со фекална канализација, нови модерни тоалети во состав на училишната зграда, нови прозорци, термоенергетска фасада… Со заеднички залагања на училиштето и општина Струмица, денес сме сведоци на реализацијата на најголемиот капитален проект- инсталација на топловодно греење во училиштето. Финансиската конструкција на овој капитален проект од околу 2,5 милиони денари е затворена со помош на општина Струмица, за што изразуваме голема благодарност до вработените во општина Струмица, особено, а посебно до поранешниот градоначалник Зоран Заев, без чијашто несебична поддршка ништо од горенаведеното немаше да биде реализирано.Горди сме што сме дом на 306 ученици кои учат во две смени на македонски јазик, меѓу кои има и ученици- припадници на турската заедница, и во кое има образован и разновиден кадар, спој на младоста и искуството, способен да се справи со предизвиците на квалитетната настава. Секојдневно ги подобруваме материјално- техничките услови за работа и работиме на произведување млади индивидуи кои се подготвени да го преземат товарот на градење посветла иднина, на свои плеќи.