Транспарентноста и отчетноста на општина Струмица потврдена со факти

Според 74 индикатори, општина Струмица е прва општина во Македонија по добро владеење, транспарентност и отчетност според резултатите од проектот „Лотос“ кој траеше повеќе од една година а се спроведе во 44 општини во Република Македонија, меѓу кои и општина Струмица.

Истражувањето е спроведено во осумте административни региони во Македонија, а Струмица се наоѓа во Југоисточниот. Според резултатите добиени од истражувањето, а добиени од повеќе фактори, најдобар резултат во првата димензија – отвореност и транспарентност во работењето на Советот на општината, на градоначалникот и општинската администрација, има остварено општина Струмица. Тоа значи дека статутите и деловниците за работа на Советот се јавно објавени преку директни линкови на веб страницата или во Службениот гласник, кој исто така редовно се објавува и хронолошки е распореден по години. Исто така на веб страницата редовно се достапни и општинскиот буџет, финансиските извештаи, завршните сметки, како и известувањата за ребалансот на буџетот. Во резултатите од истражувањето уште е наведено дека времето за консултации на Градоначалникот со граѓаните било регулирано и се почитувале термините. Општина Струмица е прва и во втората истражувана димензија – учество на граѓаните и граѓанските здруженија во процесот на донесување одлуки и имплементација на локалните политики. Во резултатите е наведено дека документирано присуство на седници на Советот од страна на граѓанските организации е забележано само во општина Струмица. Струмица предничи и во однос на транспарентноста при доделување средства на граѓанските организации, а истакната е редовната пракса на прибирање на сугестии и предлози од страна на месните и урбаните заедници. Струмица е посочена како единствена општина во која постои Одделение и референт за работа со урбаните и месните заедници. Успешната транспарентна и отчетна приказна на општина Струмица, секогаш била потврдена со факти и со бројни домашни и меѓународни признанија, кои им пркосат на сите неосновани обиди за извртување на вистината и прикажување на Општината во поинакво издание од тоа во кое таа се наоѓа од 2005 година.