Струмица меѓу првите три општини според услугите што ги пружа на граѓаните

Во рамките на проектот „Транспарентна и ефикасна децентрализација“, финансиран од Фондацијата отворено општество Македонијаа спроведуван од Центарот за развој на локална демократија, во Берово се одржа работилница на тема „Децентрализација во Република Македонија“. На работилницата учествуваа претставници на општина Струмица и на уште 11 други партнер општини.

Проектот се спроведува веќе четири години и секоја година се објавува извештај за напредокот на децентрализацијата во Република Македонија врз основа на податоците од партнер општините. Преку професионална агенција, а по пат на анкета се мери задоволството на граѓаните од пружените услуги на општинската администрација во надлежностите кои со закон ги има локалната власт. Добиените резултати се дел од извештаите кои се публикуваат и објавуваат секоја година. Според последниот извештај, граѓаните ја вброија Струмица меѓу првите три општини кои учествуваат во реализацијата на проектот.

Во рамките на работилницата, надлежните државни службеници во областа на финансиите, образованието, локалниот економски развој и урбанизмот учествуваа во неколку панел дискусии поврзани со презентираните резултати од досегашните истражувања и дефинираа по три приоритетни проблеми во спомнатите области кои би требало да се надминат во иднина за поуспешно спроведување на децентрализацијата во Република Македонија.