Продолжува соработката меѓу учениците од основните училишта од Порој и Дабиле

Општинското основно училиште „Кирил и Методиј“ од населеното место Дабиле, општина Струмица, денеска беше домаќин на претставниците на општинското основно училиште „Скендер бег“ од селото Порој од општина Тетово, во рамките на проектот за меѓуетничка интеграција.

Со денешната средба, училиштата ги продолжија соработката и другарувањето кои ги почнаа во ноември минатата година, кога беше реализирана првата заедничка активност во која учествуваа членовите на ликовната и спортската секција на двете училишта. По презентацијата на традиционалните јадења во училиштето во Дабиле, учениците од двете училишта учествуваа во академијата што по повод патрониот празник на домаќинот, ООУ „Кирил и Методиј“ се одржа во Домот на АРМ во Струмица.