Во училиштата „Маршал Тито“ од Струмица и Муртино се одржаа заеднички часови за поддршка на меѓуетничка соработка

Преку проектот „Јакнење на меѓуетничката соработка во општините“, имплементиран од страна на Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје (МЦГО),  финансиски поддржан од страна на Детската фондација Песталоци и општина Струмица, во општинските основни училишта „Маршал Тито“ во Струмица и „Маршал Тито“ во селото Муртино се реализираа заеднички часови со учениците кои следат настава на македонски и турски јазик.

За учениците од одделенска настава од наставниот предмет Општество,  интересни беа наставните содржини поврзани со симболите на општина Струмица, а  учениците од предметна настава од наставниот предмет Граѓанско образование, посебен интерес покажаа за институциите на Европската унија и значењето на средствата за информирање во современото општество. Целта на овие заеднички часови произлегува од планираните активности за меѓусебно дружење, заедничко учење, учење едни од други и активно вклучување на локалната заедница во работата на училиштата на планот на меѓуетничката соработка и интеркултурна комуникација. На заедничките часови, присуствуваше и Ацо Ѓоргиев, член на Советот на општина Струмица, кој интерактивно учествуваше во поддршка на планираните активности.