Шестиот ден на „Струмица опен фестивал“ во знакот на Сузана Мицева и Дарко Лешоски

Синоќа, во прекрасниот амбиент крај езерцето, во градскиот парк, во рамките на програмата на „Струмица опен фестивал“, љубителите на литературното творештво имаа убава можност да се дружат со творештвото на познатиот млад македонски литерат Дарко Лешоски и на роднокрајната поетеса Сузана Мицева.

На вечерта на поезија, Лешоски и Мицева споделија со присутните дел од своето најново творештво, а за нив зборуваше поетесата Вања Изова Велева. По овој настан следуваше „Вечер на филм“, во кој струмичките филмофили, во летниот амфитеатар, уживаа во филмското партнерство на актерите Рајан Гослинг и Расел Кроу. Вечерва, на програмата на седмиот фестивалски ден на СОФ, ќе се случи концертот „Александра Јанева и пријателите“, на кој покрај струмичката и македонска поп ѕвезда, ќе настапат и Ристо Самарџиев, Антонија Гиговска, Панче Илиев Касапски и Иле Спасев.