Вечерва се отвора големата музичка сцена на „Струмица опен фестивал“

Од вечерва се отвора големата музичка сцена на „Струмица опен фестивал“. Започнуваат трите музички вечери со многу ѕвезди кои на публиката ќе и понудат незаборавни музички доживувања за сите генерации.

Големата опен фест сцена ќе ја отворат Гаро и браќа Тавитјан со специјалните гости од Балканот, популарните Сергеј Четковиќ, Жељко Бебек и Јелена Томашевиќ, познатиот српски и екс–ју бенд Галија, а првата музичка вечер ќе заврши со електронската музика на Александар Галоски и Пата Пата рекордингс. Богатата фестивалска музичка програма продолжува утревечер со настапите на македонската поп пејачка Дани Димитровска, рок-составот Ван Гог и една од најпопуларните балкански пејачки Јелена Розга. На последната фестивалска вечер во недела на големата ОПЕН ФЕСТ сцена, ќе настапат Нино Величковски, Queen Real Tribute, електронските дуа Disconnected и Cyrillic, а честа да го затвори фестивалот годинава му припадна на најпопуларниот балкански кантавтор Дино Мерлин со прв и ексклузивен концерт пред струмичката публика. Инаку, во рамките на фестивалот, синоќа, покрај езерцето се одржа вечер на афоризми, а во летниот амфитеатар STAND UP COMEDY со Никола Тодороски.