Прашајте го градоначалникотСредба со градоначалникот

 

Буџет за 2017 година

Буџет за 2016 година

Буџет за 2015 година

Буџетите на општината пред 2015 година и сите измени, дополнувања и ребаланси можат да се најдат во службените гласници од 2005-2017 кои се поставени на општинската веб страница.

Социјална карта на општина Струмица

Верски објекти

СВ. Илија

Манастирот "Св. Илија" се наоѓа на планината Еленица на 4 км. од Струмица. Се претпоставува дека црквата е изградена при крајот на XVI век, што може да се заклучи од иконите што потекнуваат од тој период. Овде е пронајдена и камен - плоча (денес изгубена) со старословенско писмо, која ако не била донесена овде, тогаш црквата би датирала од многу порано.

Манастирот бил срушен во текот на неговото постоење и во 1923 г. на истите темели да биде поново подигнат и проширен во периодот од 1975 г. до 1984 г. Манастирот е еднокуполен со претстава во куполата на Исус Пантократор (Вседржител), во пандантифите се претставени четворицата евангелисти: Марко, Матеј, Јован и Лука. Иконостасот на манастирот е изработен во дрво. Во склоп на црквата денес егзистираа конаци изградени пред неколку години.

СВ. Севастиски маченици

Креирањето и обликувањето на сакрално архитектонски објекти е присутно и во с. Банско. Средновековната црква во близина на населбата Банско се наоѓа на 1,5 км северно од селото и 1 км западно од асфалтниот пат за Банско.

Црквата Св. 40 Севастиски Маченици има основа на слободен крст со развиен апсидален простор: ѓаконикон и проскомидија, а на запад продолжува наосот со влез, додека на исток се сочувани остатоци од синтронос. Тоа упатува на заклучок дека црквата била и епископско средеиште. Временски црквата, според архитектонската градба и животописот припаѓа на XII и XIII век, а била доградувана и во турскиот период. Црквата поседувала бел мермерен иконостас од кој се пронајдени сочувани декоративни и конструктивни елементи.

СВ. Богородица Елеуса

Меѓу средновековните цркви од византискиот период, на оддалеченост од 7 км западно од Струмица во с. Велјуса се наоѓа манастирската црква Света Богородица Милостива (Елеуса), посветена на празникот Воведение на Пресвета Богородица (21 ноември стар и 4 декември нов стил).

Според изворно богатата историска документација зачувана за овој манастир (присутни во Светогорскиот манастир Ивирон) оваа црква го зазема едно од најзначајните места во црковната и културната историја не само во југоисточниот дел на Македонија, туку пошироко на Балканот.

Според сочуваните записи на двата архитрава кои биле однесени од бугарските власти за време на Првата Светска војна во Софискиот археолошки музеј, црквата ја подигнал на северните падини на планината Еленица на бигореста карпа монахот, а подоцна струмички епископ Мануил во 1080 год. кој дошол од Халкедонскиот манастир Св. Авксентиј од малоазијската област Витинија во Велјуса. Од споменатите извори дознаваме дека манастирот Св. Богородица Милостива (Елеуса) е изградена над некогашното село Палеокастро во Темата Струмица по кој и селото го добило денешното име. Манастирот се споменува и во Грамотите на византискиот император Алексиј I Комнен 1085 год., во една од годините на 1091 или 1094 година оваа манастирка црква била лично посетена од византискиот император Алексеј I Комнен, кој за нејзините убавини изразил силен восхит во пишаните извори. Се споменува во Типикот за манастирот составен од основачот Мануил меѓу 1085-1100 год., неколку документи од византискиот император Мануил I Комнен со Практикот од 1152 год. и две Грамоти од Српскиот цар Стефан Душан од 1346 година дадени на Иверонскиот манастир. Со своето архитектонско обликување изворно сочувано до денес, таа ги презентира високите дострели на византиската сакрална архитектура и уметност на македонската територија во средниот век. По своето архитектонско решение црквата е единствена градба во Македонија од XI век. Однатре е крстообразна куполна градба од стеснат тип цркви. Сите три основни делови на црквата: наосот со олтарот, нартексот и јужната капела Св. Спас се надвишени со различни по димензија и височина куполи со полигонални тамбури украсени со керамопластична декорација и полихромно оживување на фасадите. Со фреско украсна изведба е на јужната фасада на црквата, во нејзиниот горен централен дел е сместена мала богато профилирана розета со запчест венец, а подолу меѓу бифората е раскошна двочленска плетеница со претстава на орнаментиран украс во форма на крст. Уметничките сликарски изрази се реализирани во фреско - техника, мозаик и вајарските во плиток релјеф на мермерните делови на иконостасот.

Живописувањето на црквата е изведено во три временски периоди и тоа: во олтарот, подкуполниот простор во наосот и ѕидовите, конхите, и капелата, 1085 год. во тремот од 1164 год. и во наосот од 19 век, со доста локални сликарски призвуци.

Фреско - ансамблот во црквата е со иконографски симболични содржини и претстави преземени од Стариот и Новиот завет: Литургиска служба на светите Архиереи со Хетимазијата (Христово жртвување) и Богородица со Исус Христос седната на трон во олтарниот простор. Во централниот куполен простор е насликан Исус Христот Вседржител, додека под него на ѕидовите од тамбурот се претставите: Пресвета Богородица Ширшаја, Св. Јован Крстител, двајца архангели, четворица пророци (езекиј, Авакум, Еремија и Давид). Во северната конха е Слегнувањето на Исус Христос во пеколот и Сретение Господне е во јужната конха. Во јужната капела Св. Спас во куполниот простор претставен е Исус Христос Емануил, на источниот ѕид Исус Христос во слава и портретот на Св. Пантелејмон на западниот ѕид.

На јужната фасада под тремот е композицијата Св. Онуфриј во пустина посетен од монахот Св. Панфнутиј и стилизиран вегитабилен мотив. Во стилско - ликовен поглед оваа сцена и мотивот се блиски на фреските во Нерези насликани во 1164 година.

Во наосот на црквата зачувана е и олтарната преграда, изведена во мермер со стилизирани растителни и геометриски мотиви изведени во плиток релјеф.

Во подниот мозаик застапени се геометриски мотиви и ги пратат основите на конхите во централниот дел од наосот, натрексот и јужната капела.

Изградбата на Вељушкиот храм е карактеристична и по многу претенциозните желби на основачот: не со димензиите, туку пред се со ликовните вредности и раскошната ризница од скапоцени уметнички творби да ги надмине сите постојни уметнички остварувања на црквите во струмичката средина.

СВ. Леонтиј

Комплексот цркви Св. Леонтиј се наоѓа во село Водоча на оддалеченост од 4 км. од Струмица. На локалитетот се сочувани три цркви (источна, западна и средна) со три фази на живописување во ентериерите, архитектонски остатоци, придружни објекти и манастирски комплекс, трпезарија, стопански објекти, две бањи и повеќеслојна христијанска некропола. Од ранохристијанскиот период се сочувани темелни партии од базилика со мермерна декоративна пластика од V и VI век, а во VII до IX век. Подоцна е подигната источната, трикорабна куполна црква, која била епископска. Оваа црква е оштетена во Самуиловиот период а подоцна е повторно обновена. Како епископска се споменува во 1018 год. во повелбите на Василиј II, по пропаста на Самуиловата држава. Денес од неа се зачувани олтарната апсида, проскомидијата и ѓакониконот. Првобитниот иконостас бил мермерен, а подот од мермерни плочи. Рушењето на црквата е поврзано со пропаста на Самуиловата држава и паѓањето на Струмица под византиска власт 1018 год.

 

Во периодот од 1018 до 1037 година изградена е западната, мала крстовидна куполна црква поцветена на Св. Богородица Елеуса и Воведение. Во струмичкиот крај во овој период постоеле три цркви на Св. Богородица Милостива (Елеуса) - Воведение, втората во Велјуса од 1080 година и во Струмица од 12-13 век. Овој специфичен случај дава повод да се верува дека Струмица и блиската околина во далечното минато била област на "Пресвета Богородица Милостива". Средната куполна црква на водочкиот комплекс е посветена на Св. Леонтиј, Христијански маченик од градот Триполи, област Феникија кој е убиен во времето на римскиот император Веспазијан во 69 и 79 год. поради прифаќањето на христијанството. Подигната е во почетокот на 12 век, таа е епископско седиште со сочуван синтронос во олтарната апсида, со нартекс на западната и со отворени тремови на јужната страна. Како епископско седиште се споменува во еден хилендарски акт во 1376 год. во кој водочкиот епископ Данил и банскиот епископ Григорие со претставници на световната власт ги решавале споровите околу границите на хилендарските имоти во околината на Струмица. Некрополата која се наоѓа на југозападната и северозападната страна исто така го отсликува богатиот духовен и културен живот на локалитетот.

Со археолошките истражувања се откриени преку 1000 гробови со прилози: накит и керамика кои се датирани од XiV - XIX век.

Живописувањето на ентериерот на водочкиот комплекс цркви се одвивал во три временски периоди во X, XI и XII бек. Иако сочуван фрагментарно поседува високи ликовни квалитети, а во сликарскиот израз се присутни влијанија од античката ликовна традиција и отпори кон влијанија од современите византиски стилско ликовни струења од Цариград и Солун и желба за раскинување со византиските сликарски принципи. Античкото сликарско влијание е застапено во еден мал фрагмент од половичен неиндитификуван лик од светител од X век, кој припаѓал на најстарата источна црква за чија што моделација на инкарнатот се користени широки намази на пигментите и акцентирање на експресија на очите и драматизмот.

Во оштетениот фреско-живопис во западната водочка црква посветена на Богородица Елеуса и Воведение присутни се нови идни настојувања на балканската византиска уметност. Особени белези на сликарството во оваа црква ги карактеризираат издолженоста на телата, и цврстата моделација на главите на Светителите. Фрагментираните сцени се со претстава од животот и детството на Пресвета Богородица, циклусот на црковни празници и претставата на фигурите на Светителите во цел раст на Св. Исавриос и Св. Евплос се насликани во периодот од 1018 и 1037 год, се вбројуваат меѓу ремек делата на средновековната уметност не само во Македонија, туку и во византиското сликарство воопшто. Во стилско-ликовен поглед оваа сликарство е блиско на сликарството остварено во црквата Св. Софија во Охрид, и со сликарството во црквите Св. Лука во Фокида и во Неа Мони на Хиос. Од фреско-живописот од средната водочка црква посветена на Св. Леонтиј која е насликана во првата половина на 12 век се сочувани претстави на шест Архиереи, сцени со претстава на Св. 4о Севастиски маченици.

 

СВ. Петнаесет тивериополски маченици

Локалитетот Св.15 Тивериополски Маченици сведочи за градот во доцноантичкиот период. На местото каде денес се наоѓа црквата Св. 15, култот на Св. Петнаесетте Тивериополски Маченици се одржал до дененс.

Првото нивно спомнување се наоѓа во Охридското глаголско евангелие од крајот на X и почетокот на XI век. Во месецословот што е додаток на евангелието се одбележува поменот на Струмичките маченици - Тимотеј, Теодор, Евсевиј и "дружине их". Во Охридскиот апостол од крајот на XII век се слават - Тимотеј, Комасиј, Евсевиј, Теодор, Петар, и "и инах".

Четворица од мачениците, Тимотеј, Камасиј, Евсевиј и Теодор заедно со другите единаесет маченици, бегајќи од прогоните на христијаните, за време на владеењето на царот Јулијан Апостата (361-365), побегнале од Никеја во Солун, а оттаму во Тивериопол - Струмица. По откривањето и мачењето тие настрадале во Тивериопол, каде што биле и погребани.

Петнаесетте Маченици од Тивериопол биле погребани во доцноантичка некропола, надвор од градот, каде што се закопувале христијаните. На овој простор е откриен комплекс од црковни градби во чиј централен дел се наоѓа голема засведена гробница. Централната гробница и другите 16 засведени гробници се изградени врз постар храм, односно ранохристијанска базилика, чиј под бил декориран со полихромен мозаик. Појавата на крстот меѓу мотивите на мозаикот укажува на христијански објект.

Од Базиликата е зачуван дел од апсидата на источната страна, северниот периметрален ѕид и основата на северниот стилобат. Подоцна над базиликата е изградена крстовидна црква. Изградбата на крстовидниот храм мартириум врз разурнатиот базиликален објект постои можност да бил изведен во текот на V век, или посигурно во VI век, во времето на Јустинијан, кога се обновени и ремоделирани многу запуштени храмови во Македонија. Над оваа црква во IX - X век е изградена друга крстовидна црква. Истата не налегнува на ѕидовите на базиликата. Изместена е на јужната страна и го зазема централниот кораб на базиликата, со нартекс и егзонартекс на западната страна. Во централниот дел на наосот на крстовидната црква сместена е голема засведена гробница. Во оваа гробница на западниот калкан е насликан колективниот портрет на 15-те мартири. Овој фрескоживопис по своите карактеристики спаѓа во редот на најстарите фрескоживописи откриени на подрачјето на Македонија. Црквата и гробот се датирани во IX - X век.

Петнаесетте мартири загинати во Тивериопол - Струмица, ја збогатиле Македонија со култот создаден врз нивните гробови. Овој храм уште од својот почеток играл голема улога во христијанизацијата на териториите источно од Вардар. Култот продолжил да живее во IX - X век, а тоа значи примање на култот меѓу словенското население во Македонија. Денес култот на Св. 15 Тивериополски Маченици е составен дел на модерна Струмица, а 11 - ти Декември е нејзин патрон.

© 2005-2017 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544