Прашајте го градоначалникотСредба со градоначалникот

 

Буџет за 2017 година

Буџет за 2016 година

Буџет за 2015 година

Буџетите на општината пред 2015 година и сите измени, дополнувања и ребаланси можат да се најдат во службените гласници од 2005-2017 кои се поставени на општинската веб страница.

Социјална карта на општина Струмица

Стара архитектура

Стара архитектура

СОБРАНИЕ НА ОПШТИНА СТРУМИЦА
Зградата на денешнaтa Oпштина Струмица, e градена во периодот од 1926-31 год. Таа е трикатна зграда од масивна градба и со својата местоположба и карактеристичен стил доминира во централното градско јадро.



Во приземниот дел е потенцираниот аголен влез над кој е извлечен полукружен балкон од катот и простории со административен и трговски карактер, додека на двата ката се административни простории свртени кон главната улица.
Иконографијата на декоративните елементи на објектот се изразено западно - стилски влијанија, што е карактеристично за овој период во градителството на нашите простори.

ХОТЕЛ СРПСКИ КРАЛ
Хотелот Српски Крал се наоѓа на аголот од улиците "Сандо Масев" и "Благој Мучето" и со својата положба и архитектура завзема доминантно место во рамките на амбиенталната градска целина во централното градско јадро. Граден е во периодот од 1926 - 28 год. од тврда градба и функционирал како прв бордел во градот Струмица.



Просторно е решен со приземје, кат и поткровни простории. Приземниот дел бил граден и опремен за градска кафеана, додека просториите на катовите како хотелски апартмани.
Фасадата е богато декорирана со силно потенциран завршен венец профилиран со флорална декорација која се среќава над и под прозорците, како и на аголната преправна кула.

ФЕУДАЛНА КУЛА
Овој објект се наоѓа на ул. Охридска и е единствен објект од ваков вид во струмичко. Основата е квадратна со димензии 6,9 х 9м. Изработена е од квалитетен делкан бигор. Поседува подрум, приземје и три ката. Меѓукатната конструкција е дрвена, од која на северната и источната страна на третиот кат еркерно се испуштени дрвени чардаци. Градена е најверојатно во турскиот период и служела за живеење и одбрана.

ТУРСКА ПОШТА
Старата турска пошта е лоциранa во стариот дел на градот во близина на објектот Орта Џамија, на улицата "Тошо Арсов" бр. 23. Граден е во XIX век, првобитно како јавен објект - турска пошта, а подоцна преадаптиран во објект за домување. Обликуван е со приближна квадратна основа, со подрумски дел од камен, приземје и кат во бондрук систем со карактеристична вертикална геометризација. Катот има еркерно мало исфрлање само на двете страни од куќата, додека широката стреа со обликуван венец силно го нагласува кровот изведен со ориентална ќерамида.



Во решението на основата, распоредот на просториите, градежните карактеристики и конструктивниот склоп видливо е отстапувањето од традицијата на народнот градителство.
Иако во стилско - естетско обликување овој објект има влијание од западноевропската архитектура - кубизмот, сепак зачуваните карактеристички елементи на староградската архитектура ни овозможуваат да го вброиме во ретките објекти со споменични вредности кои ја обликувале архитектонската визура на некогашна Струмица.

УЛ. МАРШАЛ ТИТО
Во централното градско јадро на Струмица е сочувана амбиентална целина како дел од некогашната стара струмичка чаршија. Тоа е потегот на улицата "Маршал Тито" кој опфаќа околу триесетина куќи, кои како целина се материјален доказ за развојот на урбаната структура и историското опстојување на нашиот народ на ова подрачје.



Таа се формирала со градењето на куќите на богатите трговци и занаетчии од Струмица. Поради тоа структурата на улицата претежно има белези на раниот период на XX век со назначен провинциски израз.
Следејќи го стилот на градбата се согледува дека најголемиот дел од објектите градени меѓу 1920-35 год. имаат неокласицистички и необарокни обликовани карактеристики. Тоа се манифестира преку релјефната обработка на малтерот од нивните фасади.
Просторната организација на куќите се состои претежно од приземје и кат, од кои поголем дел имаат и визба. Намената на приземниот дел од објектите е од трговско - занаетчиски карактер, со дуќани кои излегуваат на улицата, а просториите за домување се свртени кон дворното место од задната страна на објектот. Катот се користи за домување, со исклучок на неколку објекти каде што дуќаните го зафаќаат и него.
Иако уличната фасада нема сочуван континуитет во начинот на градба, односно новоизградените објекти ја нарушуваат нејзината силуета и изглед, сепак духот на местото е сочуван.

© 2005-2017 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544