На конференција во Струга општина Струмица споделуваше добри практики за одржување на училишните објекти PDF Печати

Во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, во Струга се одржа конференција за споделување на добри практики за одржување на училишните објекти. На конференцијата беа присутни претставници од општините и секретари и технички персонал од училиштата кои беа реновирани.

 Посебен осврт на конференцијата беше даден на работните процедури за одржување на училишните објекти и одржувањето на системите за греење. Значењето на ефективното одржување на училишните објекти се состои во обезбедувањето на безбедна и здрава физичка средина во училиштето, нормално функционирање на наставата, продолжен век на користење на училишните објекти и училишната опрема, зголемена енергетска ефикасност, финансиски порационално одржување и намалени оперативни трошоци.Во претходните пет години голем број училишта во Република Македонија, меѓу кои беа и училишта од општина Струмица, преку овој проект добија финансиски средства за реновирање на училишните објекти. Општина Струмица учествуваше со најмалку 10 проценти од вкупниот грант и според финансиските можности, допринесе да се заокружи завршувањето на реновирањето на кровот на објектот на подрачното основно училиште во село Банско и поставувањето на алуминиумски прозори на објектот на СОУ „Никола Карев“-Струмица. На крајот од конференцијата, на сите учесници од тимовите за реновирање во училиштата и општините им беа доделени сертификати за учество.