Ќе се промовира Водич низ услугите и постапките на општина Струмица PDF Печати

Центарот на заедницата на општина Струмица заврши со изработката на Водич низ услугите и постапките на општина Струмица кој беше изработен со цел полесно снаоѓање низ администрацијата на општина Струмица и разбирање на општинските услуги, како и намалување на бирократските процеси. Овој Водич се реализираше како последна активност на Центарот на заедницата на општина Струмица за 2016 година.

Промоцијата ќе се одржи на 2 март 2017 година со почеток во 12 часот во салата на Советот на општина Струмица,  која што се наоѓа во домот на АРМ.  На промоцијата свое обраќање ќе има вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов, а водичот ќе го промовираат координаторите на проекти во Центарот на заедницата Танкица Таукова и Горан Сачевски. Настанот ќе го модерира Мими Николиќ, исто така координатор на проекти во овој центар.Водичот е направен на начин да обезбеди доволно информации за граѓаните за полесно и поефикасно аплицирање и добивање на услуги коишто ги обезбедува локалната самоуправа. Воедно, за изработката на Водичот беше консултирана законската регулатива, прирачници, водичи и други материјали во Република Македонија, како и стручни мислења на експерти во области. Исто така, во изработката на Водичот беа вклучени сите сектори и одделенија од општина Струмица и нивните раководни лица и вработени, јавните приватни претпријатија, општинските институции и служби, преку бројни состаноци и консултативни средби, со цел изработка на поквалитетен информативен материјал достапен до граѓаните на општина Струмица.Водичот ги опфаќа следниве содржини: општ дел за општина Струмица, опис на позицијата градоначалник, совет на општина Струмица и нејзините комисии, општинска администрација и нејзината организација, општински услуги за граѓаните на општина Струмица низ сектори и одделенија, јавни претпријатија. Истиот се работеше во текот на цела 2016 година и е подготвен од страна на координаторите на Центарот на заедницата на општина Струмица, а финансиски е поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, како дел  од концептот „Општина по мерка на граѓаните“, кој се реализираше од страна на ФООМ и општина Струмица.Настанот е од отворен тип и на него може да присуствуваат сите заинтересирани граѓани.