Костадинов: Нови војни и повампирување на фашизмот не ни се потребни PDF Печати

Општина Струмица денеска го одбележа 9ти мај меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа. На пригодната свеченост која што се одржа пред споменикот на паднатите борци во НОАВМ во малиот градски парк, за значењето на празникот зборуваше вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов. Денес Македонија, Европа и светот се исправени простум пред 9ти Мај, денот кој тежи повеќе од сите останати, денот кој е онолку голем, колку што е голема победата над едно незапамтено зло.

Тоа е ден кој впечатливо треба да биде врежан во меморијата на сите луѓе кои имаат слободарска и прогресивна перцепција на животот. Минатото, сегашноста и иднината треба и мора да бидат во нераскинлива врска.  Минатото, сегашноста и иднината мора да суштествуваат во хармонично едногласие. Робувањето на еден историски период на сметка на друг е само чекорење во еден правец. Затоа треба да ги почитуваме настаните и луѓето кои испишале значајни страници од нашата, европската и светската историја, но искуствата кои произлегуваат од тие страници треба да бидат појдовна точка во креирањето на нашето заедничко утре. Минатото свршено време не треба да биде време на заборавот, но времето идно секако треба да биде императив за сите сегашни и идни генерации. Должна почит кон денот денешен ни наложува да се присетиме  на напишаните редови за 9ти мај. Па така мора да се знае дека на денешен ден пред 72 години, со потпишувањето на безусловната капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествувале 61 земја со над две милијарди жители или 96 отсто од светското население. Кога го одбележуваме 9ти Мај – Денот на победата над фашизмот, тоа треба да го правиме со дигнитет но и со заедничка желба, фашистичкото зло од Втората светска војна никогаш повеќе да не се повтори, никогаш повеќе да нема крвопролевања, страдања, разрушени домови и изгубени млади животи. И кога го живееме ова време исполнето со турбулентни настани, поделби, омрази и национализми, мора да го имаме на ум минатото, за да извлечеме поуки од него. Нови војни и повампирување на фашизмот не ни се потребни. Оние што постоеја нека останат во историјата, за да ни бидат лекции за ужасите од минатото, за да ни бидат предупредување во скицирањето на иднината, рече Костадинов. Тој ја предводеше делегацијата на општина Струмица која во чест на загинатите борци положи свежо цвеќе пред споменикот, а цвеќе положија и претставници на Општинскиот одбор на Сојузот на борците, политички партии, здруженија на граѓани и јавни институции, а рецитатори од домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.

 

Додади коментар


Безбедносен код
Освежи