Општина Струмица ја одбележа 61-годишнина од раѓањето на Борис Трајковски PDF Печати

По повод 61 година од раѓањето на трагично загинатиот претседател на Република Македонија, денеска, пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк, се одржа пригодна свеченост.

За животот и делото на Трајковски зборуваше вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов. Да не пишуваше животот чудни сценарија со трагични расплети, веројатно сите ние би биле во состојба да го допреме совршенството, живеејќи ги нашите животни епизоди по редоследот кој секој од нас би го посакал. Да беше така, денес, еден човек, мирен по табиет, немирен по дух, голем по идеали и скромен по практицирањето на својата животна филозофија, најверојатно во кругот на своите најблиски, на себе својствен начин, ќе го одбележеше својот 61-ви роденден, бидувајќи среќен што на својата зрелост придодава уште една година. За жал реалноста е поинаква. Веселото момче од струмичките сокаци, гимназијалецот, правникот, верникот, семејниот човек, политичарот, заменик-министерот, претседателот, вљубеникот во Македонија и човекот Борис Трајковски, не е веќе суштински дел од нашето денешно битисување, но бездруго во тоа битисување тој остави свои неизбришливи траги. Во тоа име изградивме скромен мост и го крстивме по него, за да се знае дека Борис Трајковски ја имаше надареноста и човечноста да гради мостови на пријателството. Го кренавме и спомеников „Македонија“ за да се знае дека Борис Трајковски и Македонија се две нешта кои функционираа во своевидна љубов и симбиоза. Може да сториме така слични неброени материјални добра кои симболично ќе зборуваат за едно осведочено постоење и делување, но фактички ништо како да не сме сториле доколку секој струмичанец и Македонец не успее да изгради паметник на Борис Трајковски во своето срце. Се разбира тој паметник од спомени како неделива нишка од историјата нашинска, ќе треба секој, несебично да го пренесува на своите потомци. Од татко на син. Од дедо на внук. Од колено на колено. Споменикот треба да остане вечен и да се спротиставува на непишаниот закон на минливоста. Затоа што Борис Трајковски без сомнение,тоа го заслужува, рече Костадинов. Почитувачите на Трајковски положија свежо цвеќе пред споменикот подигнат во негова чест, а беа прочитани и првонаградените творби по распишаниот литературен конкурс на тема „И по 13 години спомените за претседателот Босрис Трајковски се уште живеат“ во организација на библиотеката „Благој Јанков Мучето“.


 

Додади коментар


Безбедносен код
Освежи