Историја
Струмица во xx век PDF Печати


Со Првата балканска војна од 1912 година Турците биле победени и истерани од Македонија, а со тоа и од Струмица од страна на балканските сојузници (Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора). Со Струмица ќе завладее Бугарија.



Во Втората балканска војна (1913г.), која се водела меѓу балканските сојузници за поделба на Македонија, Бугарија била поразена. Струмица со мировниот договор од Букурешт (28.07.1913), сепак останала под власт на Бугарија. Грчките војски, кои биле стационирани во Струмица, револтирани од одлуката за повлекување, го запалиле градот и тој горел во периодот од 8 до 15 август 1913 година, при што биле изгорени повеќе од 1900 јавни згради, приватни куќи и други објекти. Под бугарска власт Струмица ќе остане до 1919 година, кога со мировниот договор од Версај, со кој е завршена Првата светска војна, ќе влезе во составот на Кралството СХС ( од 1929 година Кралство Југославија). Во тоа кралство, македонскиот народ бил без никакви права и бил подложен на асимилација од Србија.



Во Втората светска војна, Струмица ќе биде завладеана од германската војска на 6 април 1941 година. Германија, со договорот што го имале склучено за сојуз со Бугарија, им ја предала Струмица под окупација на бугарските војски на 18 април 1941 година. Македонскиот народ, а со тоа и луѓето од Струмица незадоволни од окупацијата на фашистичките земји, започнале воени дејствија против нив. На 11 септември 1944 година бугарската војска била протерана од Струмица, а на 5 ноември 1944 година градот го напуштила и германската војска. За единствен народен херој од Струмица бил прогласен Благој Јанков - Мучето.



По војната Македонија влегла во федерацијата Југославија, како рамноправен народ. Со референдумот од 8 септември 1991 година, Македонија е независна држава.

 
Византиско - османлиски период PDF Печати


Струмица во османлискиот период во турската администрација ќе биде нарекувана Уструмџе. Таа ќе биде приклучена кон Ќустендилскиот санџак и во неа ќе биде воспоставен спахиско-тимарски систем. Во градот било населено номадско сточарско туркменско население, така што градот го сменил својот лик и почнал да добива ориентален изглед. Струмица според пописот од 1519 година имала 2780 жители, од кои 1450 христијани, а 1330 муслимани. Во тој период се одвивала и засилена исламизација на што се должи зголемениот број на муслимани 2200 на пописот од 1570 година, наспроти 1230 христијани.



Во XVII век, Струмица станала седиште на кадилук. Во тоа време во Струмица поминале и турските патеписци Хаџи Калфа (1665) и Евлија Челеби (1670), кои даваат опис на градот со сите муслимански објекти, кои ги имало во Струмица тогаш.
Кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век струмичката каза била во состав на Солунскиот санџак. Во XIX век зајакнало патријаршиското движење и гркоманското население зело замав. Тоа довело до силно антипатријаршиско движење во 60 – тите години на XIX век. Во 1860 година во Робово било отворено првото училиште на македонски јазик, а прв учител бил Арсени Костенцев од Штип. Во тој период твореле и големите струмички зографи Васил Ѓорѓиев и Григориј Пецанов, кои работеле на живописот и иконостасите на повеќе цркви, кои тогаш се отварале во струмичко.
Со Берлинскиот конгрес од 1878 година, кога Турција изгубила голем дел од своите владеења на Балканот (Босна, Србија, Црна Гора), а река од бегалци се слеала кон Македонија, а дел од нив и во Струмица. Тоа население се нарекува мухаџири.



Се потешката ситуација на македонското население под турската власт, допринела да се формира Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) на 23.10.1893 г. во Солун. Првиот човек кој ги прифатил идеите на ВМРО во струмичкиот регион бил Стојан Ѓорѓиев од Дабиле, кој во 1895 година го формирал и првиот месен комитет во Струмица. Во овие краишта бил формиран и дејствувал Огражденскиот окружен македонско-одрински револуционерен комитет. Еден од најистакнатите раководители на револуционерната организација бил Христо Чернопеев, кој учествувал и во Младотурската револуција (1908-1909), која не завршила со ослободување на македонскиот народ и останал под турско владеење.

 
Византиско - словенски период PDF Печати

Со преселбата на Словените, која се одвивала во периодот од осумдесетите години на VI век до триесетите години на VII век, градот доживеал големи разурнувања. На овие простори се населило словенското племе Струмјани, кое го добило своето име по р. Стримон, која тие ја преименувале во Струма. Склавинијата на Струмјаните егзистирала како независно словенско кнежество извесен период, додека не биде завладеана од Византија. Во периодот од 845 г. до 855 г. како византиски воен управник во брегалничко-струмичкиот крај бил Методиј (825-885).



Струмичката област, потоа била завладеана од бугарскиот владетел Борис (852-889). Во 893 г. Климент според Диканжовиот список (XII век) бил поставен за "епископ на Тивериопол или Велика". Струмичкиот регион ќе остане во бугарската држава се до 969 г. кога избило првото востание на комитопулите (Самуил, Арон, Мојсеј и Давид) и ќе влезе во Самуиловата држава (976-1018).
На 29 јули 1014 година, на овие простори се одиграла Беласичката битка, во која македонската војска предводена од цар Самуил (976-1014) била поразена од Византијците на чие чело бил Василиј II (976-1025). По битката биле ослепени 15 000 македонски војници, како одмазда на Василиј II за смртта на својот командант Теофилакт Вотанијат, кој бил убиен од синот на цар Самуил, Гаврил Радомир (1014-1015).
Во 1018 г. Македонија била завладеана од Византија. Од XI век за првпат во пишаните извори (Асеманово евангеление) почнува градот да се именува со Струмица. Кон крајот на XII век, централната власт на Византија ослабела, па како резултат на тоа ќе дојде до осамостојување на повеќе независни феудалци. Во струмичкиот крај се осамостоиле Добромир Хрс (1185-1202), а потоа и Добромир Стрез (1208-1214), но нивните владеења биле ликвидирани од Византијците.
Кон крајот на XIII век започнале српските напади на Македонија. Извесен период со Струмица и регионот ќе владее Хреља, за да во 1334 година српскиот крал Стефан Душан (1331-1355) ја освои Струмица. По распаѓањето на Душановото царство, струмичкиот регион ќе биде управуван првин од Угљеша, братот на Волкашин, а по неговата смрт 1371 г. во битката кај Марица, со овој регион ќе загосподарат браќата Дејановиќи. Нивното владеење бил со краток век, бидејќи Турците во својот продор на Балканот ја завладеале и Струмица во 1382-1383 г. со што завршува средниот век во овие краишта.

 
Историја PDF Печати

Градот Струмица заедно со својата најблиска околина, поволните географско-климатски карактеристики и богатото Струмичко поле, одсекогаш представувал важен крстопат на патиштата на разни култури и цивилизации кои го оставиле својот белег на оваа почва. Следејќи ги материјалните остатоци, создавани во разни историски епохи, почнувајќи од праисторијата, преку антиката, византиско-словенската, турскиот период, итн. Струмица е еден од ретките градови со напластено богатство на споменици.

Антички период

Почетокот на континуираното живеење во Струмица и во непосредната околина според археолошките истражувања, датира од VI милениум пр. н. е. (неолитска населба "Страната" кај с.Ангелци), а во непосредната близина на Струмица, поточно на Цареви Кули, е констатирана праисториска култура која егзистирала од времето на доцниот енеолит до раната бронза (почеток на IV- до сред на III милениум пр. н. е.).



Под името Астраион, градот за првпат во пишаните извори се среќава кај римскиот историчар Тит Ливиј, во 181 година пред новата ера, во врска со убиството на Деметриј братот на македонскиот крал Персеј (179-168 пр.н.е.), односно синот на Филип V (221-179). Името Астраион градот го добил по пајонското племе, Астраи. Во 168 година пр.н.е. Македонија паднала под римски протекторат и била поделена на четири мериди, а Астраион припаднал на втората мерида. Во 148 година пр.н.е. Македонија станала римска провинција.
Во римскиот период градот го променил своето име во Тивериопол, за што ни сведочи мермерниот постамент, посветен на патронот Тибериј Клавдиј Менон, од крајот на II и почетокот на III век. Во времето на римскиот цар, Јулијан Отпадник (361-363) во Тивериопол биле убиени Св. 15 Тивериополски свештеномаченици. Во 395 г. римската империја се распаднала, а Македонија припаднала на Источното Римско Царство. Потоа Тивериопол се наоѓал во составот на провинцијата Macedonia Salutaris (крај на IV век) и провинцијата Macedonia Secunda (крај на V век). За постоењето на градската населба од тој период сведочи доцноантичката урбана палата – Мачук.