Прашајте го градоначалникотСредба со градоначалникот

Буџет за 2017 година

Буџет за 2016 година

Буџет за 2015 година

Буџетите на општината пред 2015 година и сите измени, дополнувања и ребаланси можат да се најдат во службените гласници од 2005-2017 кои се поставени на општинската веб страница.

Социјална карта на општина Струмица

Вести - Март 2008

2008-3-17


31.03.2008 | НАЈНИСКА ПЛАТА ВО ОПШТИНА СТРУМИЦА 8.100 ДЕНАРИ.
На предлог на советничката група на СДСМ, Советот на општина Струмица на 68 седница донесе заклучок за определување на најниска плата од 8.100 денари во органите на управување и раководење на јавните служби чиј основач е општината...

 

На предлог на советничката група на СДСМ, Советот на општина Струмица на 68 седница донесе заклучок за определување на најниска плата од 8.100 денари во органите на управување и раководење на јавните служби чиј основач е општината.

На 68 седница на Советот донесе:
- одлука за изменување и дополнување на одлуката за основање на Центар за развој на југоисточниот плански регион и Повеќегодишна инвестициона програма за воведување штедливи светилки за уличното осветлување во Општина Струмица.

Воедно беа усвоени и:
- Извештајот за работата на Одделението за администрирање на приходи за периодот 01.01.2007 – 31.12.2007
- Извештајот за реализација на Програмата за одржување на улиците во град Струмица, како и локалните патишта во Општина Струмица во зимски услови за 2007/2008 година;
- Информацијата за состојбата со хоризонталната и вертикалната сигнализација на подрачјето на Општина Струмица – март 2008 година;

Советниците дадоа согласност на:
- Извештајот за работата на Домот за деца и млади “Благој Мучето” Струмица за 2007 година;
- Завршната сметка на Домот за деца и млади “Благој Мучето” Струмица, со финасов извештај за 2007 година;
- Завршната сметка на ЈОУДГ “Детска радост” Струмица за 2007 година;

2008-3-16

28.03.2008 | КРСТЕВСКИ ПРИСТИГНА ВО СТРУМИЦА ВО ВЕЛОСИПЕДСКАТА ТУРНЕЈА “МОЕТО ИМЕ Е МАКЕДОНИЈА”.
Поп-пејачот и композитор Ѓорѓи Крстевски вчера пристигна во Струмица во турнејата со велосипед под мотото "Моето име е Македонија". На градскиот плоштад добредојде му посака Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев...

 

Поп-пејачот и композитор Ѓорѓи Крстевски вчера пристигна во Струмица во турнејата со велосипед под мотото "Моето име е Македонија". На градскиот плоштад добредојде му посака Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.





Струмица беше последна дестинација во вториот ден од турнејата на пејачот Крстевски во која тој ќе посети 15 градови и ќе пристигне во главниот град на 2 Април, денот кога започнува самитот на НАТО. Ѓорѓи Крстевски на првиот човек на општината му подари статуетка со неговото име и мотото на турнејата.







2008-3-15


28.03.2008 | ПОЗНАВАЊЕ НА ДРОГАТА И ПРЕВЕНЦИЈА.
На 28 март 2008 година во ОУ "Герас Цунев" – Просениково се одржа состанок на советодавната група на граѓани – родители на учениците од училиштето, на кој претставници од СВР Струмица, центарот за третман на зависници Св.Елисавета Струмица и ОБСЕ – мисија во Скопје, во соработка со Општина Струмица, презентираа теми од областа на познавањето на...

 

На 28 март 2008 година во ОУ Герас Цунев – Просениково се одржа состанок на советодавната група на граѓани – родители на учениците од училиштето, на кој претставници од СВР Струмица, центарот за третман на зависници Св.Елисавета Струмица и ОБСЕ – мисија во Скопје, во соработка со Општина Струмица, презентираа теми од областа на познавањето на дрогата и превенцијата.
На состанокот присуствуваа поканети родители од Советот на родители и од родителските одбори по паралелки и одделенија од ОУ Герас Цунев Просениково. Тие пројавија особен интерес за темите:

- Како да ги препознаете знаците на употреба на дрога кај вашето дете и што да сторите
- Дрогата и младите

Овој настан е дел од планираните состаноци на СГГ (советодавни групи на граѓани) кој овозможува пошироко запознавање на граѓаните со одредени проблеми во заедницата.

2008-3-14


27.03.2008 | ФОРУМИ НА ЗАЕДНИЦАТА.
Струмица е една од петте одбрани општини во Македонија каде ќе се спроведе проектот Форуми на заедницата. На 27-март 2008год. се одржа првата средба на претставниците од ЦИРА и општина Струмица со граѓаните. Она што е интересно и за прв пат ќе се случува е што граѓаните ќе одлучат каде и за што ќе се употребат парите. Општина Струмица доби четири милиони...

Струмица е една од петте одбрани општини во Македонија каде ќе се спроведе проектот Форуми на заедницата. На 27-март 2008год. се одржа првата средба на претставниците од ЦИРА и општина Струмица со граѓаните.








Она што е интересно и за прв пат ќе се случува е што граѓаните ќе одлучат каде и за што ќе се употребат парите.
Општина Струмица доби четири милиони денари од Швајцарската агенција за развој и соработка(СДЦ) и два милиони денари учество на Општината. Шесте милиони се очекува да се употребат во она што им недостасува на граѓаните, а каде и во што ќе се употребат овие средства граѓаните ќе одлучуваат со форумски сесии и гласања.
Ќе има два типа на форуми. Традиционални на кој општините ќе дефинираат неколку теми кои според нивните проценки им причинуваат тешкотии во секојдневниот живот, и е најпотребно да се решат. На првата сесија граѓаните ќе одлучат која од предложените теми им е најважна, и потоа подетално да ја разгледат и разработат на следните форумски сесии.
Тематските форуми значат дека граѓаните се сконцентрираат на една тема во областа на социјалната заштита или заштитата на животната средина и ќе предлагаат решенија кои сметаат дека се најсоодветни за надминување на проблемот.. Се очекува да се реализираат осум форумски сесии на кој ќе учествуваат најмалку сто граѓани. Форумите ќе развијат разновидни проектни идеи, кои ќе се преточат во проекти кои ќе бидат одржливи и ќе имаат видливо социо-економско влијание врз заедницата.
Првата форумска сесија со граѓаните е закажана за 10 април во 12часот во домот на АРМ.

2008-3-13


25.03.2008 | ДОПРВА ДОАЃААТ ПЕТТЕ МИНУТИ НА СТРУМИЦА.

Интервју на Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев,
за неделникот Капитал...

 

Превземено од “Капитал”

Првата општина во Македонија сертифицирана по ИСО стандарди амбициозно чекори напред. Целата администрација е ставена во функција на граѓаните, но и на странските инвеститори што се заинтересирани да вложуваат во струмичко. Општинската каса е полна, постојано се реализираат нови проекти, а градоначалникот Заев вели дека Струмица допрва ќе ги има своите “пет минути”.

-Што ќе значи поканата од НАТО и потоа членството на Македонија во Алијансата, конкретно за Струмица?

Моето сфаќање, прво како градоначалник, после како економист е дека членството во НАТО ќе го релаксира амбиентот за бизнис, односно ќе го намали ризикот кај инвеститорите. Тој ризик од политичко-безбедносна нестабилност е и тоа како е вкалкулиран и во каматите на банките, и во плановите на странските, но и на домашните инвеститори. Ако влегувањето на Македонија во НАТО ќе има позитивна импликација, тогаш во Струмица ќе има најмногу. Ние сме на тромеѓето, помеѓу две држави членки на НАТО и ЕУ. Откако Бугарија стана членка на НАТО, а особено во последнава година откако е членка на ЕУ, цените на сите фактори на производство отидоа до небо. Дали нема да им биде поисплатливо да ги селат своите капацитети овде? А, Струмица е на 25 км од граница. Исто така, со глобалната конкуренција, европските производители сe потешко се носат со евтиното производство од Кина и другите земји во развој. Ним им требаат евтини ресурси, за да можат да опстанат. Затоа ние мораме овој период на претпристапност кон ЕУ да го искористиме најмногу што можеме. Или ќе го искористиме, или сe ќе не одмине. Пред извесно време бев во Лариса, Грција, и на состанокот со тамошниот градоначалник, каде што ги презентирав потенцијали на Струмица пред нивните бизнисмени. Деветнаесет бизнисмени покажаа интерес, но прво што ги интересираше е дали ќе влеземе во НАТО. Ниту име ги интересира, ниту ништо. Само дали ќе влеземе во НАТО, затоа што под неговиот чадор гарантираме безбедност на нивните инвестиции.

-Струмица е првата македонска општина сертифицирана по ИСО стандард. Што практично значи една општина да работи по ИСО стандарди?

ИСО стандардот е тешко да го добиеш, а уште потешко да го запазуваш. Самото негово одржување значи нудење на секојдневен квалитет на граѓаните. Тој квалитет подразбира нудење на конкретни процедури, врзани со рокови, што значи да се знае за колку време треба да се изврши секоја услуга што ја нуди општината-граѓанинот однапред знае на кој начин ќе му се одговори на барањето и кој е одговорен за таа работа. Што значи тоа во пракса: на пример, ако порано се чекаше за решение за данок на промет на недвижности до 30 дена според законот, општина Струмица сега го усоврши тоа и за 24 часа го издава решението. Тоа значи дека комисијата во рок од 24 часа мора да излезе на терен, да ја утврди вредноста што се продава и да го издаде решението. Или локациски услови, да речеме. Според закон, рокот за одговор е 15 дена, а ние утврдивме дека за седум дена граѓанинот треба да добие одговор, позитивен или негативен, сеедно. Или за прием кај градоначалникот. Досега имам направено 16.430 приеми на граѓани, за ове три години откако сум градоначалник. Ако граѓанин се обрати за средба со мене, во рок од 14 дена, јас морам да ја овозможам средбата или на било каков начин да го контактирам. На почетокот “плачеа” раководителите додека траеше процесот на обука, кога требаше да сфатат дека сите процедури, формулари, извештаи се дополнителна обврска. Но, сега им е многу полесно. Само ќе кликнат на компјутерот и ќе најдат каде им се наоѓа предметот. И јас од мојот компјутер гледам до каде е предметот, во која фаза од обработка е. Ако видам дека некој предмет стои повеќе од два дена необработен, веднаш реагирам. Сето тоа остава многу добар впечаток, општинските службеници добиваат позитивен фидбек од граѓаните и многу убаво се чувствуваат кога луѓето ја ценат нивната работа. Ова и тоа како ни овозможува еден куп бенефиции. Не само добар впечаток пред граѓаните, туку и за олеснување при аплицирањето за користење фондови надвор од нашиот буџет. Една од убавите работи кај општините е што може да користат средства од разни извори, грантови, особено сега од ЕУ фондовите. Кај и да аплицираме, ние добиваме затоа што однапред знаат дека имаме подготвена администрација што може да го реализира проектот за кој бараме пари. Досега добивме грантови за четири проекти.

-За какви проекти се работи?

Првиот проект е за културна соработка со Петрич, Бугарија. Размена на нашата култура, традиција и сл., која што дава основа и за развој на туризмот. Тоа беше грант од 50.000 евра, а ние учествуваме со 11.000 евра како општина. Вториот проект беше за реализирање на две истородни активности во двата града. Тие требаше да направат реконструкција на Самуиловата крепост во Петрич, а ние на Царевите кули во Струмица. Имплементацијата е 1,5 година, а ние сме во последната третина. Грантот е 280.000 евра, а ние учествуваме во вкупниот проект со 160.000 евра. Третиот проект е тренинг центар за високо-образовани невработени граѓани. Општината плаќа стручњаци за прва практична едукација на овие невработени. Дури ние им даваме плата на граѓаните за шест месеци кај што одат да работат во фирмите. Сега сакаме да опремиме простории за тренинг, каде што трајно ќе се одржува едукација. Одржливоста на овој проект (за кој што имаме грант од 117 илјади евра и наши 22 илјади евра) е во тоа што откако ќе заврши проектот, приватниот сектор во соработка со град Струмица е на располагање да им помага на невработените да стекнат прво практично искуство. Да речеме, една фабрика има потреба од инженер што ќе менаџира со машинскиот парк. Невработениот машински инженер е солидно теоретски поткован, но му фали практично искуство. Во тренинг процесот ќе го стекне тоа, и ќе може подготвен да се вклучи во производниот процес. Тоа е многу значајно и за странските инвеститори на кои што им се потребни обучени кадри. Четвриот проект е за изградба на пречистителен колектор за зоната Стопанство. Во Струмица со план е дефинирано каде се шири градот за живеење, а каде е индустриската зона, т.н. зона Стопанство. Овој дел, го нема решено проблемот со канализациски отпадни води, што е многу чувствително прашање, затоа што сe повеќе притискаат европските стандарди. Таму има извозни производни капацитети за храна и сл., тука ќе бидат и откупните центри на Агрокор, практично сите перспективи за економски развој на општината се врзани за оваа зона. Ние аплициравме за грант што ќе го искористиме за изградба на колектор за цела зона Стопанство. Изградбата на колекторот чини 468 илјади евра, ние аплициравме за 300 илјади евра, а ќе учествуваме со 168 илјади евра, што ќе ги обезбедиме така што крајните корисници на колекторот ќе си платат комуналии за делот за изградба на канализација. Усно веќе ни потврдија дека проектот ни е одобрен, а деновиве треба и официјално да биде потпишан од Европската агенција за реконструкција. Овие четири проекти се многу значајни, во себе содржат преку еден милион евра грантови, а во делот на трошење на средствата, учествуваат струмички фирми-некој ќе набави цемент, некој железо...бенефит ќе има за многумина.

-Неодамна свикавте прес-конференција за да ги истакнете проблемите со земјиштето потребно за инвестициите на грчката компанија Стијафилко. Објаснете ни што е всушност проблемот? Владата Ве обвини дека имате личен интерес за да се продаде тоа земјиште евтино на Грците. Која е вистината?

Многу е добро што лично Премиерот ми се јави после таа прес-конференција, затоа што навистина оваа работа ни е многу важна. Но, да ја објаснам прво целата ситуација. Ние една година работиме на тој проект. Направивме милион мали работи за да ги привлечеме Грците. Тие не доаѓаат затоа што сме многу убави, туку од проста економска калкулација. Долу во Фарсала еден работник ги чини 30.000 евра за бруто- плата годишно. Овде ако им дава 600 евра нето- месечно, ќе го чини 10.000 евра бруто- годишно. Многу проста математика. Ние формиравме специјална индустриска зона за нив во село Сачево, близу Струмица , на нивно барање. Претходно бевме кај премиерот, заедно со тројца членови на бордот на директори, а беа присутни и министрите Миле Јанакиески и Веле Самак. Тие понудија банкарска гаранција од НБГ за 150 милиони евра инвестиции, во рок од три години да ги пуштат фабриките. Ги дефинираа кои се: една фабрика е за делови за електромотори, со обезбеден пласман кај познати купувачи во Холандија. Втората е предилница, исто така со производи директно за извоз, третата е конзервна фабрика, а евентуално сакаат и четврта фабрика, која ќе произведува финален текстилен производ. Гарантираат минимум 500 евра плата. Бараат да добијат погодности по принципот на слободната економска зона Бунарџик. Премиерот прво рече дека не може, дека слободната зона е во Скопје, а потоа објасни дека принципот на Владата е само со компани од Fortune Top 500 да преговараат со директна спогодба. Грците сфатија, но прашаа што ќе им понудиме ним. Од Владата рекоа дека ќе мора да се отвори јавна лицитицација за земјиштето. Во правилникот видовме дека за земјиштето во зоната кај што е село Сачево, изнесува 100 денари почетна цена за квадрат, а со секој нареден чекор во наддавањето е 50 денари. Во градот Струмица квадрат земјиште е 700 денари, со секој чекор на наддавање од 50 денари. Грците побараа да ја направиме лицитацијата со 100 денари почетна цена и 10 денари секој нареден чекор, за да може нивниот управен одбор полесно да ја “проголта” таа опција. Владата се согласи, требаше да им го пуштиме на Грците тоа на писмено, пред тендерот да биде распишан. Грците побараа еден месец пролонгирање, за да можат да ја достават банкарската гаранција од НБГ. Во меѓувреме тендерот беше распишан и пропадна. Банкарската гаранција потоа стигна, за 150 милиони евра, дека во рок од шест месеци ќе почнат да градат, а сите фабрики ќе бидат готови за три години. И ќе вработат 2.000 луѓе. Вториот тендер Владата го распиша со почетна цена од 600 денари за квадрат земјиште. Јас веднаш му се јавив на министерот Јанакиески и му кажав дека вака не сме сериозни, заедно го правевме разговорот и сега ќе ги одвратиме луѓето. Министерот ми рече да ги убедам Грците да почекаат, и ми вети дека ќе распише трет тендер каде што почетната цена ќе биде според договорот, 100 денари со 10 денари за секое наддавање плус. Јас им го кажав тоа на луѓето од Стијафилко, рекоа нема проблем, месец дена порано-подоцна не прави разлика. И што се случи? На 29 февруари Владата објави тендер со 700 денари почетна цена! Јас се шокирав, ги барав и премиерот и министерот Јанакиески на телефон, но не ми одговараа на повикот. Тогаш решив да свикам прес-конференција затоа што морав во јавноста да го отворам овој проблем. И Владата, наместо да помогне да не ни избегаат овие инвеститори, тие запрашаа каков договор сум имал јас со Грците, затоа што сум сакал за багателни цени да им го дадам земјиштето. Јас и покрај тоа што излегов на прес, упорно го барав премиерот, и тој истата вечер ми се јави. Разговаравме дваесетина минути, му објаснив дека во периферијата на град Струмица градежно земјиште се движи од 7-10 евра за квадрат, а ние во Сачево сакаме да продаваме по 12 евра почетна цена!? Ние може уште една година да го продаваме, па кога ќе видиме дека никој нема да го купи, да го спуштиме на 100 денари и повторно никој да не го купи, затоа што луѓето во меѓувреме ќе се разочараат и ќе си одат. Премиерот вети дека ќе размисли неколку дена и најверојатно ќе го корегираат тендерот.

-Колку политиката ви пречи во работењето?

Досега немам воочено дека некој ја напушта Струмица поради тоа што јас како градоначалник од СДСМ имам конфликт со Владата. Но, во последниот случај со земјиштето, мислам дека има политика, затоа што јас лично бев присутен на состанокот кај што беше договорено да има лицитација со почетна цена од 100 денари. После тие велат дека не можело да се распродава евтино националното богатство!? Па, живееме во пазарно време и пазарот ќе одреди колку вреди тоа земјиште. Можеби некој ќе понуди и илјада денари за квадрат, кој знае? Лицитацијата е отворена за сите. Инаку, општинската администрација одлично функционира со државната администрација, во поголем дел од работите. Но, кога треба јас со некој министер да дефинирам некои работи, е тогаш има политички пречки, што не треба да бидат присутни. Мислам дека се работи за карактерните особини на една личност. Можеби и јас некогаш не сум во право. Знаете, кога имате потенцијален проект на повидок, нормално е дека сакате да добие и политичка важност. Но, кај примерот со***Агрокор, ние & подадовме рака на државата, во интерес на општината. Ние го имавме тоа земјиште добиено за користење на 99 години, и исто така баравме стратешки партнер за изведба на така значаен проект за општината. Но, Владата го донесе ***Агрокор пред нас, и ние не размислувавме воопшто, туку & го вративме земјиштето на државата, само да се реализира инвестицијата. Ништо немаше да постигнеме ако не ги оставевме политичките суети зад себе. Јас дури и јавно на прес-конференција реков дека се откажувам од целата “слава” во врска со проектот Агрокор. Нека повелат премиерот и министрите да ја сечат лентата, не е воопшто важно за мене и општината. Јавниот интерес е јавен интерес, и колку побрзо се свестиме дека постоиме заради граѓаните и треба да бидеме исклучиво нивен сервис, а и на бизнисот, тогаш ќе тргнат работите на подобро. Па не може да мислиме дека земјиштето на пример, дошло со функцијата на еден министер и сега не требало да го даваме евтино на странците. Не зборувам само за оваа влада. Кај сите влади досега имаше вакви кочници. Па зарем Грците или некои други ќе си го носат земјиштето, дома?! Таму ќе никнат фабрики, наши луѓе ќе работат во нив, ќе се плаќаат даноци...

-Во рамки на Советот на општина Струмица, дали се среќавате со опструкции од претставниците на партиите што се ваши опоненти?

За овие три години откако е овој состав на општинската администрација, 99% од одлуките ги имаме донесено едногласно. Како? Ние имаме партиципативен буџет. Постапката за него во донесување почнува на први септември. Отвораме јавни собири во сите 24 селски месни заедници и осумте урбани заедници во градот. Тогаш општината вели “вие имате толку и толку жители, вам ви следуваат три милиони денари. Повелете, кажете што со нив наредната година”. Се лицитираат сите потреби на населеното место, а ние потоа заедно утврдуваме што е приоритет и уште во септември или октомври граѓаните знаат што ќе реализира општината следната година. Јас сум секој последен четврток од месецот во отчетна емисија на локалната телевизија, каде што одговарам на прашања од граѓаните. Дневно одговарам на 30-40 мејлови на граѓани што имаат најразлични прашања, забелешки, поплаки и сл.

-Кога го споменавте Агрокор, до каде се работите околу нивните откупни центри?

Агрокор е готов со проектот за изградба на откупно-дистрибутивниот центар, последниот состанок со нив го имав пред еден месец. Тие веќе работат на нумеричките податоци за локацијата, значи влезени се во постапка за добивање на одобрение за градба. Комуналиите што требаше да ги платат се два милиони евра, со кои ние требаше да направиме приодни патишта, фекална и атмосферска канализација и водоснабдителни системи. Општината веќе има завршено околу 50% од оваа работи, а нив ги ослободивме од комуналии, тоа е нашиот придонес кон реализирањето на оваа инвестиција, која е многу важна за струмичкиот крај. Зошто? Бидејќи струмичката економија повеќе од 50% е земјоделство, а вакви откупни центри ќе доведат до зголемена побарувачка за земјоделските производи, и поголем профит кај индивидуалните земјоделци. Агрокор и тоа како е бренд на овие простори, а Владата е партнер со Агроберзата и нејзина обврска е да ги плати комуналиите во износ од 53 милиони денари, значи остатокот од оние два милиони евра е да ја дозавршиме инфраструктурата. Очекуваме кон средината на април да добијат одобрение за градба, а целта им е оваа есен, да го направат првиот откуп на земјоделски производи од Струмица.

-Доаѓате од бизнис круговите. Вашето семејство поседува неколку производни капацитети. Како одолевате на можностите да ја искористите својата позиција во полза на семејните бизниси?

Можам да кажам дека е случајност и голема среќа што бизнисите на моето семејство немаат допирни точки со активностите на општината. Тие бизниси се следниве: фабриката за цигли Еленица, втората е конзервна фабрика, имаме и текстилна фабрика и сушилница за овошје и зеленчук. Фирмите ги водат мојот брат и братучедите и јас немам време да стапнам во нив. Фабриките се претежно извозно ориентирани, засега добро им оди. Поширокото семејство има и штедилница, два маркета и трговска фирма, застапништво на српската фабрика за стакло од Параќин. Овие компании имаат 620 вработени, толку имаа и пред да станам градоначалник. Значи досега на никаков начин не сум влијаел овие бизниси да бидат привилегирнаи во поглед на некои други, затоа што немало ни потреба за такво нешто. Моите принципи се да го користам моето претходно бизнис искуство и знаејќи ги сите проблеми и потешкотии на бизнис секторот во релација со општинските надлежности, сега од позиција на градоначалник да помагам тие да се решаваат.

-Неодамна на сајтот на МВР имаше вест дека е покренато обвинение против Вас, во врска со наводна неправилност околу изградбата на деловниот центар Глобал, па потоа беше повлечено. Побаравте извинување. Го добивте ли? Во што беше всушност проблемот?

МВР писмено ми се извини, го добив извинувањето на мојот факс, пуштено беше и до сите медиумски редакции, но јас ја сфатив пораката дека ми подготвуваат обвинение. Овој прокет една година пред отпочнување со изградба беше работен во координација со Министерството за транспорт и врски, со Градежниот факултет, за да биде сe кристално чисто и според закон. Ова е своевиден споменик за градот и не смеете да си дозволите некаде да се направи превид. За што се работи? Општината беше обвинета дека го нема почитувано правото на денационализација. Неколку семејства имаат постапка за денационализација пред државата за простор кои што сега влегува во рамки на Глобал. Ние имаме дефинирано јавен интерес во согласност со генералниот урбанистички план. Пазарот е јавен интерес согласно Законот за комунални дејности, а Законот за денационализација вели дека одземен имот од јавен интерес не се враќа, туку се обесштетува со обврзници или друг имот во замена. Тоа ни беше потврдено од Министерството пред да почнуваме со објектот. Тука ние сме чисти, а јас за секој случај ги имам документите каде што се гледа дека семејствата се обесштетени. Прво во 1957 тие семејства се обесштетени со земјиштето каде што денеска им се куќите. Во 1971 и 1972 година, им е платено со пари, а сега бараат по третпат компеназација. Тоа е жално. Сите тие почнаа судски процеси, нивните барања паднаа и на Основен суд и на Апелација. Сега се гради обвинение против мене дека го имам узурпирано уставно загарантираниот интерес на граѓаните. Но, јас сум мирен, затоа што знам дека правно ние сме чисти како солза.

-Досега се покажавте како еден од најуспешните лидери на една општина во земјава. Ако ја исклучиме високата политика од контекст, кои се вашите примарни идеи за развоен концепт на Македонија?

Масовно делегирање на надлежностите на општините и строга контрола на државата врз нив. Генерално, има голема недоверба од централната кон локалната власт. Кога доаѓаат странските инвеститори во општинската зграда, очекуваат да дознаат дали ќе ја биде работата што ја замислиле во глава или не. На пример, во моментов преговараме со еден грчки инвеститор што сака да насади овошки на 40 хектари земјоделско земјиште за да отвори фабрика за сокови. Јас кога ќе му кажам дека треба да оди во Скопје во Министерството за земјоделство и да побараат дали таа локација е слободна, тој ми вели, ние како општина да му ја завршиме таа работа. Тогаш Министерството ќе рече, што имате Вие со тоа земјиште, нека си дојде тој кај нас, па ние ќе му дадеме концесија, правилата се знаат и работата ќе се закочи. За деловниот објект Глобал имавме седум контроли од државниот градежен инспекторат, две од Антикорупциската комисија, две од Јавното обвинителство, пет-шест од МВР, три од Управен инспекторат и неколку пати беа сите заедно. Но, ако, нека ги има овие контроли. Ние реализиравме еден проект прв од типот на јавно-приватно партнерство. И ние, а и надлежните служби научивме некои работи. Значи контроли мора да има, но генерално, ако сакаме развој, мора да се децентрализираме, барем по примерот на европските држави, за да бидеме брзи и експедитивни. Другата формула е сe што имаме како ресурс да го ставиме на слободно располагање на бизнисот, а не да го чуваме како недопирливо национално богатство. Менталниот склоп треба да функционира по логиката дека поголем е ќарот на Струмица од сите даноци и придонеси што ќе ги плаќаат фабриките, од парите што ќе ги трошат вработените, од сe што ќе се врати на заедницата, во споредба со висината на комуналиите од кои што претходно сме ги ослободиле.

-Противник сте на идејата за изградба на карго-аеродром во Штип. Кои се вашите аргументи против оваа логика на Владата?

Мојот став за аеродромот го темелам исклучиво на пазарни принципи. Секаде во светот карго- аеродроми постојат каде што има лесно расиплива стока. Ние имаме направено пресметки што ќе се случи со нашето земјоделско производство ако биде со карго- превоз транспортирано во Москва, на пример. Знаеме дека едно предградие на Москва ќе го собере целото струмичко производство. Така ќе бидеме конкурентни, затоа што досега голем дел од ова производство не може да стигне во Москва, барем не во квалитетна состојба. Гледаме дека Владата е фокусирана кон Штип. Таму се отвори нов универзитет, таму се финансира урбанизација на индустриски зони, кои што ние со наши средства ги урбанизираме, и на крајот, таму е предвиден и карго- аеродром. Концесијата што е распишана од државата вели дека концесионерот на скопскиот аеродром е обврзан да изгради и карго- аеродром во Штип. Изградбата на таков аеродром е неколку десетици милиони евра, а тој што ќе го гради треба да предвиди што ќе се превезува од овој аеродром за да има економска исплатливост. Во Штип имаме текстил и житни култури, нема раноградинарски култури што ќе покажат пресметка дека е исплатливо да се превезуваат. Ако карго- аеродромот се изгради во Штип, треба дополнителни трошоци за да се превезе овошјето и зеленчукот од Струмица до Штип. Мислам дека помина времето кога политичките моменти одлучуваа за бизнис интересите. Треба економската логика да владее при донесување на одлуките. Треба да ги гледаме работите и малку поглобално. Додека се направи аеродромот, може ќе влеземе во ЕУ. Погледнете го триаголникот Скопје -Софија- Солун. Кој е сега тука центар, Штип или Струмица? И кој околу што гравитира. Ако гледаме на ниво на Македонија, секако дека Штип е поцентрално поставен, но ајде да ги гледаме работите малку пошироко.

2008-3-12

22.03.2008 | МЛАДИНСКИ СОВЕТ НА ОПШТИНА СТРУМИЦА.
На 22март 2008 година, пред повеќе од 2000 млади луѓе, пред Постојаната Комисија за правата на децата на Општина Струмица, пред релевантни институции и претставници на носителите на политичките партии, Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев официјално го објави постоењето на Младинскиот совет на Општина Струмица,...

 

На 22март 2008 година, пред повеќе од 2000 млади луѓе, пред Постојаната Комисија за правата на децата на Општина Струмица, пред релевантни институции и претставници на носителите на политичките партии, Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев официјално го објави постоењето на Младинскиот совет на Општина Струмица, цврсто нагласувајќи ја новата страница што општината ја свртува во насока на градењето на „Струмица - Град пријател на младите“, град во кој младите ќе одлучуваат за својата иднина.





Општина Струмица водена од намерата да гради „Општина по мерка на младите“, пристапи кон реализација на проект „Формирање на Младински Совет на Општина Струмица - Детски парламент на Струмица, како единствена шанса на младите луѓе организирано да ги искажуваат своите видувања и ставови по одредени состојби и проблеми во општината и државата, целосно заштитувајќи ги и иземајќи ги од билокакви влијанија. Шанса на младите луѓе во целост да ја покажат својата енергичност, инвентивност и знаење.





Овој Младински Совет се формира со една единствена цел, овозможување на партиципативно учество на младите како рамноправни членови на заедницата, во креирањето на политиките и практиките на локално и национално ниво, со посебен осврт на креирањето на Општинскиот Буџет, како и мониторинг во спроведувањето на истите.





Официјалната промоција на Младинскиот Совет, беше поткрепена и со забавен дел, каде по избор на младите Јован Јованов и Елвир Мекиќ допринесоа во извесен момент младите да покажат пред Струмичката јавност дека се доволно силни и самоуверени да бидат креатори на струмичкото среќно утре.


Страница 1 од 3

© 2005-2017 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544