Вести - Јануари 2010
2010-1-1 PDF Печати


26.01.2010 | Прес конференција на Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев.
Почитувани граѓани, Почитувани претставници на медиумите! Би сакал да најавам, но истовремено и да ги информирам граѓаните за намерата за отпочнување на еден нов, несекојдневен проект во Струмица и воопшто во Македонија. Се работи за активност за која што општината...

Почитувани граѓани, Почитувани претставници на медиумите !
Би сакал да најавам, но истовремено и да ги информирам граѓаните за намерата за отпочнување на еден нов, несекојдневен проект во Струмица и воопшто во Македонија. Се работи за активност за која што општината не можеше и дефинитивно нема обезбедено средства во својот буџет, но во времето во кое се случуваат многу значајни архитектонски работи во градот, едноставно препорачливо и убаво би било да се заврши како активност со што би се добила комплетната слика на нов, современ изглед на Струмица.
Во изминатиов период се случија неколку значајни градби во централното градско подрачје. Ќе набројам само неколку: Глобал, новите булевари, семафори, цвеќарници, фонтани, палми, тротоари, паркови и урбани опреми... 
Она што ќе се случува оваа година се исто така неколку значајни градби како што се поминувањето на гасоводната мрежа, новиот плоштад, подземната гаража, новото крило на гимназијата, новите улици и тротоари и слично. За да се заокружи сликата на целосно новиот лик на Струмица останува обновувањето на старите фасади на зградите  изградени пред десет, дваесет и повеќе години.
Затоа денес со задоволство најавувам проект за обновување на сите стари фасади во централното градско подрачје на Струмица без средства од буџетот на општината. Името на проектот е: “Струмичани... за поубава Струмица”
Идејата не е нова, постои цела година. Првичните разговори беа 30 до 50% од средствата да биде учество на сопствениците и станарите на тие објекти, но најверојатно погодивме лош период. Навистина е период на тешка економска криза и владее голема беспарица. Дел од сопствениците на тие објекти едвај се прехрануваат и со судни маки ги плаќаат своите основни месечни трошоци, па иако ја поддржуваат и поздравуваат таквата идеја сепак изразија неподготвеност за сопствено учество во нејзина реализација, тоа е сосема разбирливо.
Добро размислив и одлучив да отпочнам со реализација на овој проект ставајќи го целокупниот свој личен авторитет и кредибилитет за целата оваа работа. Впрочем кога и каде повеќе би вредело да се стави личниот кредибилитет на еден градоначалник ако не за доброто и убавината на градот кој тој го води.
Пред неколку месеци, на изборите во март, граѓаните ни дадоа силна потврда дека сме способни да управуваме и работиме со нивните пари. Претстои време и предизвик да видиме дали сме кадарни да сториме нешто повеќе за Струмица и кога немаме буџетски пари на располагање. Впрочем едно од ветувањата беше дека нема да се штедиме кога се работи за Струмица.
Денес официјално и јавно, обелоденувам силна решителност, да на едниот тас од вагата го ставам моето име, а на другиот тас од вагата сите луѓе на кои во мојот живот им имам помогнато, на кој што Струмица им има помогнато, да се вклучат во овој проект.
За изведбата на проектот ни треба изнајмување, монтажа и демонтажа на фасадна скелетна конструкција, фасадна боја и работна рака на вредните струмички мајстори.
Искрено се надевам дека сопствениците на колективните згради ќе дадат согласност без пари да им се обноват старите фасади на нивните заеднички објекти.
Почитувани стопанственици, Струмица ви има помогнато да бидете денес тоа што сте. Време е да и возвратите со добро.
Почитувани пријатели, заради тоа што ви се најдовме кога ви требавме, јас, советот, и општинската администрација, но и тие пред нас, време е да возвратите со учество во овој проект колку што можете.
Силно сум убеден дека сите ќе се вклучиме во проектот и заедно ќе покажеме колку ни значи Струмица и колку го сакаме нашиот убав град. Да и покажеме на целата наша Македонија колку струмичани си ја сакаат Струмица.
Нека ни е со среќа ...
Благодарам..