Струмица по втор пат домаќин на интернационалниот гастрономски натпревар „ГастроМак Македонија 2018“

Од вечерва до 11. Октомври, Струмица по втор пат ќе биде домаќин на третиот интернационален гастрономски натпревар „ГастроМак Македонија 2018“. На денешната прес конференција пред официјалниот почеток на оваа реномирана манифестација, градоначалникот Коста Јаневски потенцираше дека тоа е резултат на минатогодишното убаво гостопримство за светските мајстори на кулинарскиот занает и на целокупната поддршка што Струмица и струмичани им ја дадоа на организаторите од „ГастроМак“.

 Претставува голем предизвик и одговорност да  се биде повторно домаќин на неколку стотини гости од триесеттина земји од целиот свет, но јас сум убеден дека хотелот „Вила Парк“ и општина Струмица, повторно ќе го положат испитот на добри домаќини. Можноста да се спојат светските вкусови со вкусот на нашето поднебје и различните култури со културата на нашето живеење, како и запознавањето на гостите со убавините на Струмица и Македонија,  е за секакво поздравување, па поради сево ова, општина Струмица и годинава е финансиски и морален поддржувач на овој интернационален гастрономски натпревар. Со надеж дека „ГастроМак Македонија 2018“ ќе биде поуспешен од своето минатогодишно издание, ги повикувам сите сограѓани, од денес до 11. октомври да уживаат во содржините на оваа манифестација и во специјалитетите на големите светски кулинари, рече градоначалникот Јаневски. На прес конференцијата се обратија и Адријана Алачки, претседател на Македонската асоцијација на готвачи и шефови на кујни „ГастроМак“ и Иван Спасов, менаџер во хотелот „Вила парк“.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544