Јаневски:Деновите до 12. Октомври ќе бидат вистински празници на вкусот и традицијата

По дефилето од пред општинската зграда до хотелот „Вила парк“, синоќа, свечено започна третиот интернационален гастрономски натпревар „ГастроМак 2018“. Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Коста Јаневски, рече дека убавите нешта треба да се повторуваат и затоа Струмица по втор пат е домаќин на оваа кулинарска манифестација.

Најверојатно, постојат нераскинливи врски помеѓу љубовта и храната.  Неслучајно народот ја смислил изреката „Љубовта влегува низ устата“. Постои и една друга мисла која вели „Готвењето е како љубовта, или предади и се во целост, или не влегувај во таква авантура“. Вреди да се спомене и мудроста на Џорџ Бернард Шо, кој рекол „Не постои поискрена љубов од љубовта кон храната“.  Ако се согласиме со овие три изреки, тогаш заеднички мора да заклучиме дека љубовта кон храната и љубовта кон кулинарството, ја создале оваа манифестација, направена со многу љубов. Убавите нешта треба да се повторуваат. Токму затоа, овде и сега ни се случува третото издание на Интернационалниот гастрономски натпревар – „Гастромак 2018“, и тоа по втор пат едно по друго, во нашата Струмица. Ова не може да значи ништо друго, освен тоа, дека нашиов град, Општината и хотелот „Вила парк“ минатата година се покажале како одлични домаќини. А, знаете како велат – еднаш добар домаќин, секогаш добар домаќин. Уверен сум дека деновите, од денес до 12. Октомври, ќе бидат вистински празници на вкусот и традицијата, рече градоначалникот Јаневски. Во годинашното трето издание на „ГастроМак“ учествуваат готвачи од триесетина земји од целиот свет.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544