Новогодишно обраќање на градоначалникот Коста Јаневски до граѓаните на општина Струмица

Почитувани мои сограѓани
Времето си тече незапирливо, а со него и ние се движиме напред, чувствувајќи ја динамиката на нашето живеење. Од ден на ден, од месец во месец, од година во година, стануваме позрели, поискусни и посвесни за суштината на сите значајни и помалку значајни нешта кои го сочинуваат мозаикот на животот. И еве, повторно сме пред мигот кога мерачите на времето ќе означат крај на една и почеток на друга година, миг во кој сите ќе го посакаме тоа што го немаме, но и да го зачуваме тоа што го имаме.  Годината со која полека но сигурно се збогуваме, секој од нас ќе ја памети по своите индивидуални доживувања, по животните епизоди кои ја одбележале истата, по своите победи и порази, подеми и падови, радости и разочарувања, но сите ќе ја паметиме по нашите заеднички битки за доброто на општината во која живееме. Искрено се надевам дека најголемиот дел од тие битки се добиени, како добра основа така заеднички да продолжиме и во наредниот период. Испробаниот рецепт за непречен напредок, вели дека лошите работи треба да ги заборавиме или да ни бидат поука како да ги избегнуваме, а убавите работи да ги понесеме со нас како добар пример, како да ја креираме нашата индивидуална иднина и иднината на нашата заедница. Новата година значи нов предизвик, нова шанса, нова можност, нови перспективи, нови стремежи и свртување нова страница од нашите животи. Нека биде тоа страница која ќе ја испишуваме со добри и позитивни нешта, нешта кои ќе ги претворат нашите соништа во едно големо и убаво јаве. Од длабочината на мојата душа, Ви посакувам пред се добро здравје и живот по Ваша мерка, среќа, љубов, спокој и хармонија во семејствата и исполнување на сите Ваши желби. Нека 2019 година биде Ваша година, година која ќе ја паметите само по добро. Истовремено, нека биде тоа година на мирот, заедништвото, хуманоста и милосрдието со кои сите ќе се гордееме. Нека биде тоа успешна година за сите нас и за нашата заедничка општина Струмица. 
Среќна Нова година и благословени Божиќни празници.
© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544