Општина Струмица ги одбележа Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Со пригодна програма која што се одржа пред Споменикот на паднатите борци во НОАВМ во малиот градски парк, денеска, општина Струмица ги одбележа Меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа. За значењето на овој ден зборуваше градоначалникот, Коста Јаневски. Денес празнуваме два празника во еден ден.

Едниот го празнува цел свет, другиот цела Европа, а и едниот и другиот ги празнува и Република Северна Македонија, затоа што и нашава земја е дел од Европа и светот.  9. Мај го одбележуваме како Ден на победата над фашизмот, но и како Ден на Европа. Денес се навршуваат 74 години од настанот кој стави точка на Втората светска војна, и 69 години од ставањето „камен темелник“ на денешната Европска Унија. Ние веќе 28 години од својата самостојност го сонуваме европскиот сон со тенденции да станеме дел од големото европско семејство. Денес тој сон, како никогаш досега, е  на добар пат да стане јаве, а кога тоа ќе стане дел од нашата реалност, ќе имаме причина повеќе да бидеме уште порадосни славејќи го денешниот ден. Нека ни е честит и вековит 9. мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, рече градоначалникот Јаневски. Во чест на загинатите пред Споменикот беше положено свежо цвеќе, а револуционерна поезија рецитираа членовите на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“. Денот на Европа, беше одбележан и во библиотеката „Благој Јанков Мучето“ со промоција на автори од Благоевград, Република Бугарија.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544