Градоначалникот Јаневски го отвори научниот собир во рамките на 18-те „Средби под јаворите – Видое Подгорец“

Во црквата „Св.15 Тивериополски свештеномаченици“, денеска, се одржа научен собир на тема „Книжевната оставнина на Видое Подгорец – влог во издигнувањето на современата  македонска литература во национален и меѓународен контекст“, а во рамките на 18-те „Средби под јаворите – Видое Подгорец“. Учесниците на овој научен собир ги поздрави градоначалникот, Коста Јаневски. Кога луѓето полнат 18 години од својот живот, велиме дека стануваат полнолетни и дека го полагаат испитот на зрелоста.

Ако таквата симболика на бројот 18 ја примениме и кај манифестацијата која денес го доживува своето 18-то изгрејсонце, тогаш ќе си дадеме за право да констатираме дека денес сите ние сме сведоци на полнолетството на „Средби под јаворите – Видое Подгорец“. А кога за испитот на зрелоста станува збор, тогаш таа зрелост на манифестацијата не само што се потврдува од година во година, туку таа е во постојан растеж, од самиот нејзин зародиш па се до ден денешен. Особено радува тоа што оваа манифестација, која се одржуваше само во родното место на Подгорец – Колешино, веќе втора година добива и струмичка димензија. Истовремено, идејниот творец на „Средби под јаворите – Видое Подгорец“, познатиот македонски писател за деца Киро Донев, кој бил среќен да го има Подгорец за свој духовен татко и учител, доби добро засилување од млади и исклучително амбициозни вљубеници во литературата, па со поддршка на Општина Струмица манифестацијата добива нова, современа и проширена физиономија, вредна за почит. Тоа бездруго го заслужува Видое Подгорец и неговата грандиозна книжевна оставштина. Во чест на утрешниот ден кога одбележуваме 85 години од раѓањето на Подгорец, вреди да се каже дека тој е најплодниот македонски литерат на сите времиња, не само во земјава туку и многу пошироко во светски рамки. Хипотетички кажано, доколку секое издание на „Средби под јаворите“ би било тематски посветено на едно негово дело, тогаш оваа манифестација уште сега си обезбедува рок на траење од цел еден век, па и повеќе од тоа, рече градоначалникот Јаневски.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544