Во Струмица се одржува „Агро саем 2019“

Денеска и утре, на градскиот плоштад се одржува првиот „Агро саем 2019“ во Струмица на кој учествуваат земјоделски производители и производители на земјоделска механизација. Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Коста Јаневски рече дека саемот е манифестација која без сомнение ја заслужуваат земјоделските производители, но и сите оние кои на директен или индиректен начин егзистираат од аграрот.

Најзаслужни за овој епилог се луѓето од здружението „Проагро фармери“ кои го реализираат овој агро саем како дел од проектот „Модерно и квалитетно производство кај градинарите во Банско, Муртино и Робово“, а се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан, финансирана од Европската унија и спроведувана од Програмата за развој на UNDP. Вреди да се истакне дека во сета оваа успешна приказна, со буџетски средства учествува и Општина Струмица, на што сум посебно горд, бидејќи поддршката на земјоделството во нашата општина е еден од приоритетите на локалната самоуправа. Таквата наша интенција има покритие со општото сознание дека аграрот е препознатлива гранка за нашата општина и регион, и дека оваа гранка значи егзистенција и живот за илјадници наши сограѓани, рече градоначалникот Јаневски. На саемот присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и заменичката на постојаната претставничка на UNDP, Сања Бојаниќ.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544