Градоначалникот Јаневски им го честиташе почетокот на новата учебна година на првачињата

На традиционалната приредба која што денеска се одржа во дворот на домот на АРМ, градоначалникот Коста Јаневски им го честиташе почетокот на учебната година на првачињата од основните општински училишта. Еве, конечно дојде и овој ден кој ќе го паметите цел живот. Тоа е денот кога за првпат го пречекорувате училишниот праг, за првпат седнувате во училишните клупи, за првпат го слушате звукот на училишното ѕвонче како и топлиот и охрабрувачки глас на вашите наставнички.

Но, овој ден ќе го паметите и по тоа што ќе ги запознете вашите нови другарчиња со кои заедно ќе поминете безброј убави мигови во наредните пет години, колку што ќе трае вашето школување во нижите одделенија од основното образование. Се разбира, тоа другарство може да трае и многу повеќе, па дури и цел живот. Зошто е важно образованието и другарувањето да одат рака под рака?  Затоа што покрај збогатувањето со знаења од сите предмети кои ќе ги изучувате, ќе научите и како меѓусебно да се почитувате и да си помагате едни со други. Овие вредности се многу важни, па доколку се потрудите да станат дел од вас, тие ќе ве направат добри, честити и доблесни луѓе  и ќе ве красат цел живот. Затоа секој ваш ден поминат во училиште ќе биде од непроценливо значење. Од тоа што ќе го научите во училишните клупи, но и надвор од нив, зависи вашата иднина, рече градоначалникот Јаневски. Во новата учебна 2019/2020 година во прво одделение во основните училишта запишани се вкупно 531 ученик, од кои 451 во општинските и 80 во подрачните училишта.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544