Новогодишно обраќање на градоначалникот Коста Јаневски

Почитувани мои сограѓани,
Се наближува мигот кога ќе се разделиме од една, а ќе дочекаме друга година од нашите животи, и кога повторно ќе ги разбудиме нашите мечти, копнежи, стремежи и желби за поубаво утре.
Во моето последно новогодишно обраќање од кое помина цела година, Ви посакав 2019-та да биде Ваша година, година по Ваша мерка. Се надевам дека тие мои желби станаа Ваша реалност. Ако пак очекувавте повеќе од годината која заминува, еве можност тоа што го посакувавте да ви се оствари во таа што доаѓа. Сепак, треба да признаеме дека не е се до годините, туку и до нашите заложби и тежнеења истите тие години да ги направиме такви какви што ги посакуваме.

Секој од нас има свој живот, свои желби, свои соништа, свои цели, но сите заедно имаме нешто заедничко. Заедничка ни е општина Струмица во која живеме, работиме, растеме деца и споделуваме добро и зло. Заеднички е и нашиот стремеж таа наша општина да биде достојно место за убаво живеење. Едно е повеќе од сигурно, дека во оваа измината година општина Струмица направи крупни чекори во својот развој. Ова не е мое дело, ова е наше заедничко дело, оти и јас и Вие добро знаеме дека заедно можеме многу.
Се разбира, овде не треба да застанеме. Годината што е пред нас е добар предизвик доброто да го направиме подобро, големото – поголемо, убавото – поубаво. Секој крај е само најава на нов почеток, а секој нов почеток е свртување нова страница која треба заеднички да ја испишеме со добри содржини. Тоа го правиме и ќе го правиме за заедничко добро на сите граѓани. Сплотени во љубовта кон Струмица, секој сон ќе го направиме јаве.
Нека Ви е среќна, успешна и бериќетна Новата 2020 година. Бидете ми живи, здрави, среќни и исполнети со убавини и љубов. Струмица нека биде општина на спокојни семејства, топли домови и задоволни луѓе. Вековити да ви бидат сите празнувања и радувања.
© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544