Почна реализацијата на активностите од „Европската недела на мобилност“

Во организација на одделението за Локален економски развој при општина Струмица, денеска, во просториите на поранешниот дом на АРМ, се одржа средба со претставници на НВО секторот од социјалната сфера и лицата со посебни потреби, а на која во центарот на вниманието беше темата „Пристапност до јавен транспорт и мобилност“, со што практично и почна одбележувањето на „Европската недела на мобилност“.

На средбата, на која учествуваа и претставници на општина Струмица и јавните институции, се разгледуваа проектите кои што општина Струмица ги има реализирано во последните неколку години, а се разговараше  и за проблемите со кои се соочуваат овие лица и како општината може да помогне за тие проблеми да се решат. Софче Иванова од одделението за Локален економски развој, информираше и за другите активности кои од денеска до 22 септември ќе се спроведат во општина Струмица.На неколку улици во градот ќе се врши теренски увид, како и на улиците и тротоарите околу општинското основно училиште „Сандо Масев“ и тоа в четврток на 18 септември, каде граѓаните ќе можат на лице место со претставниците на јавните институции да дискутираат за состојбата на тротоарите, за фрлањето на отпадот, за паркирањето на возилата, дали децата имаат пристап или не. Најголемиот акцент во сите градови кои учествуваат во „Европската недела на мобилност“ ќе биде ставен на настанот планиран на 22 септември, а тоа е светскиот ден без автомобили. Токму поради ова, ги поканувам граѓаните, учениците, вработените во јавните институции и приватниот сектор да земат масовно учество во возењето на велосипед. Планирана е велосипедска поворка која ќе стартува од плоштадот „Гоце Делчев“, ќе се движи по булеварот „Маршал Тито“ до кружниот тек кај ЕВН и назад. Целта на овој настан е да се затворат сообраќајниците и да се промовираат алтернативните мерки на транспорт, рече Иванова.„Европската недела на мобилност“ е проект на ЕУ, кој секоја година преку кампањи за одржливост на мобилноста се спроведува во урбаните средини.