Советот на општина Струмица ги усвои годишниот извештај и завршната сметка на буџетот за 2017 година

На денешната осма седница на Советот на општина Струмица беа усвоени кварталниот извештај за извршувањето на буџетот за четвртиот квартал од 2017 година, годишниот извештај на општина Струмица и предлог – завршната сметка на буџетот за 2017 година. Од планираните вкупни приходи во буџетот на општина Струмица 1.124.111. 636 денари, реализирани се 840.784.875 или 75 проценти. Во однос на претходната година, процентот на реализација на вкупните приходи е помал за 5 проценти, а кај основниот буџет реализацијата на приходите е помал за 4 проценти. Градоначалникот Коста Јаневски, пред членовите на Советот рече дека и со овој процент е задоволен имајќи ја во предвид политичката и економската состојба во државата во 2017 година.

Таа година и на политички и на економски план беше многу оптоварена со многу настани, избори, законски ограничувања со кои не можат одредени активности да се вршат од страна на општината. Познато ви е дека околу изборите со некои рокови имавме ограничувања во продажба на земјиште и други активности кои што се еден од главните елементи на полнење на буџетот и тоа по мене е една од главните причини зошто процентот на реализација е нешто послаб од вообичаено, меѓутоа, компарирајќи со другите општини во Републиката, гледаме дека и нашиот процент и не е толку лош, има и полоши, дури сме и меѓу најдобрите, еве да ви кажам најискрено, тоа можат да го потврдат и службите, јас се интересирав за тие моменти, навистина е така. Тоа е главната причина, а за оваа година, нашиот удел во креирањето и остварувањето на буџетот ќе биде поголем. Се надевам дека и состојбата во државата на политички и економски план ќе биде постабилна и нема да имаме такви ограничувања и моменти и ќе се заложиме максимално да го оствариме буџетот. Вие знаете дека ние не се послуживме со алатката ребаланс на буџетот да ги корегираме приходните делови и на тој начин можевме да покажеме и поголем процент, меѓутоа, тоа не ни беше целта, имавме и некои сугестии во тој правец, но ова е реално како што е и мислам дека нема што да прикриваме, таа е вистинската фактичка состојба која што беше одраз на целокупната состојба во Републиката и сепак сме подобри и секогаш ќе се трудиме овој процент да биде поголем и секогаш бил поголем за разлика од оваа година, рече градоначалникот Јаневски.
На седницата беа усвоени и повеќе предлог – извештаи, одлуки и програми во интерес на граѓаните.