Струмичкиот карневал е традиционален локален обичај со вековна традиција, кој директно е поврзан со верскиот празник „Тримери“, единствен од таков вид во Република Северна Македонија, кој е поврзан со армасаните (верените) девојки. Датумот на одржувањето се менува зависно од Велигден и традиционално се одржува во вторник после Поклади -Прочка.
Од 2012-та година Интернационалната карневалска вечер се одржува во Сабота навечер а во недела е традиционалниот детски карневал по повод Прочка.
Од 1994-та година Струмица со Струмичкиот карневал е член на меѓународната асосцијација на карневалските градови – FECC, со што карневалот доби интернационален карактер и се вброи во картата на светските карневали, а во 1998 година беше домаќин на 18-тиот Интернационален конгрес на FECC.
Како резултат на посебниот однос и вековната традиција, Струмичкиот карневал прерасна во културна манифестација со која Струмица е интернационално препознатлива. Секоја година на карневалот настапуваат околу 2000 учесници од кои околу 600 учесници од странство. Во изминатите 20 тина години на карневалот продефилирале над 10 илјади карневалисти и делегации од Америка, Албанија, Аруба, Белгија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Холандија, Хрватска, Италија, Ирска, Финска, Франција, Германија, Полска, Португалија, Русија, Словенија, Србија, Турција, Украина, Шведска и др.
Струмичкиот карневал е најзастапена манифестација од Македонија на Интернет препорачана во културното списание на Советот на Европа и во едно од специјализираните списанија на авиокомпанијата ВИЗЗЕР двапати е прогласен за Супер бренд на Македонија.
Во 2013-та година списанието Arabian travel news Струмичкиот карневал го вброи меѓу 20-те топ улични карневали во светот. Во 2014-та година најпознатата америчка телевизија НБЦ својата репортажа за карневалите во светот ја наслови „Од Бразил до Македонија: Карневалите ги започнаа шареноликите прослави“ која започна со карневалот во Рио, а заврши со Струмичкиот карневал.
Во 2017-та Министерството за економија на Република Македонија по трет пат го прогласи за најдобра туристичка манифестација во Македонија. Во 2018-та година специјализираното списание на словенечкиот авиопревозник – Адриа „Во воздух“ говбројува Струмичкиот карневал во седумте највозбудливи зимски настани во Европа во импресивно друштво на градови како што се Хаселт, Амстердам, Љубљана, Венеција, Минхен и Келн. Поголем број светски медиуми му посветуваат внимание во своите репортажи од кои посебно за одбележување е опширната репортажа која познатиот Daily mail ја посвети на два карневали, традиционалниот Навалакруз карневал во Шпанија и Струмичкиот карневал.
Секако посебно треба да се одбележат написите во медиумите во Аруба – Холандски кариби кои објавија опширни репортажи за Струмичкиот карневал, пред се поради одржаната Ноќ на Аруба во рамките на Струмичкиот карневал 2018.
Струмичкиот карневал не завршува со завршувањето на карневалот, туку тој во изминатите 30 години од обновената организациона форма е вистински амбасадор на Струмица и Македонија и секоја година најдобрите маски од Струмичкиот карневал се претставуваат во посета на дваесетина карневали во земјите од Европа.
Поопширно за Струмичкиот карневал на следните линкови:
http://www.strumickikarneval.com
https://www.facebook.com/pages/category/Organization/Strumicki-Karneval-174213799393153/