Струмица Опен Фестивал

Струмица Опен Фестивал

Струмица ОПЕН фестивал е најголемата културно-уметничка и забавна манифестација во регионот која се одржува од 2012 година. Изминатите осум години програмата на овој фестивал на свој веќе препознатлив начин ги разубавува летните ноќи на 20-тина отворени локации во Струмица и околината. Низ годините, фестивалот бележи огромен раст на квалитетот и бројот на настаните. Од фестивал со 7-дневна програма во 2012 година Струмица ОПЕН фестивал прерасна во 10-неделен фестивал со над 30 настани. Интернационалните гости, не само како дел од програмата, туку и како посетители кои ги полнат хотелските капацитети во летниот период се вистински показател за прераснувањето на оваа манифестација во силен струмички бренд. Во моментот СОФ важи за еден од најмасовно посетуваните настани во нашата земја. Целта на манифестацијата е активирање на сите сетила на граѓаните, конзумирање културна програма на високо ниво, уникатни забавни настани како и врвни музички концерти зачинети со вкусна храна. Освен тоа има цел да ја поттикне креативноста на локалните жители и да го зголеми нивото на квалитетот на културно-уметничкиот живот во нашиот град. За време на последното, осмо издание на Струмица ОПЕН фестивал присуствуваа над 250.000 посетители. Струмица ОПЕН фестивал 2019 ги отвори вратите на љубителите на спортот, музиката и уметностите со најуникатниот фестивалски концепт досега. Новитет за минатогодишното издание беше поголемиот акцент на спортско-рекреативните активности во соработка со локалните спортски клубови. Дел од настаните имаа натпреварувачки карактер, а дел остануваат како повеќегодишна традиција за фестивалот. Културно-уметничката и музичка програма опфати класична, џез, рок, поп, хип- хоп и електронска музика со на над 30 домашни и странски музички ѕвезди за сите вкусови.