Денеска во Струмица беа отворени првите 4 станбени единици во кои што самостојно ќе живеат седум лица кои досега беа згрижени во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско. Овие станбени единици ги обезбеди Министерството за труд и социјална политика и се комплетно опремени со потребната опрема и мебел по избор на корисниците, обезбедена е услугата лична асистенција, а дополнително ќе биде ангажиран и негувателски кадар.
Им честитам на жителите на новите станови за нивната желба, упорност и храброст што ја донесоа оваа одлука и да живеат самостојно, а ние сме тука да ги поддржиме во нивните намери. Посебно се радувам што процесот на деинституционализација со кој изминатиот период беа опфатени само децата згрижени во институции, сега се спроведува и за повозрасните лица. Сакам да се заблагодарам и на УН агенциите кои максимално се вложија ова денеска да стане реалност, како и до вработените и раководството на Заводот за рехабилитација кои од самиот почеток се вклучени во овој процес, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Градоначалникот Коста Јаневски ја потенцираше поддршката на овој процес и неговото значење во развојот на хумано општество.
-Денеска Струмица е сведок на еден процес кој што јас лично како градоначалник го поздравувам со големи симпатии. Тоа е процесот кој преку МТСП се одвива во последниот период, деинституционализација на овие институти во кои што наши сограѓани беа згрижени еден подолг период. Мислам дека овој напреден концепт дава една голема можност, тие да ја покажат својата индивидуалност, креативност, можност да делуваат на општеството, а секако и општеството кон нив, што пак заеднички не збогатува и ќе можеме да делуваме едни кон други, да си помагаме и да се развиваме како хумано општество. На овие први, храбри пионери кои што еве ќе ги почувствуваа благодетите на овој проект, им поскаувам многу здравје и успех и да го искажат сопствениот потенцијал за да видиме што тие можат кон општеството, а не што не можат. Општина Струмица им стои на располагање, можат да сметаат на нашата поддршка како досега така и понатаму, за да може овој процес максимално да успее, рече градоначалникот Јаневски.