Со велосипедско дефиле по улиците во централното градско подрачје во кое учествуваа ученици од основните и средните училишта, Општина Струмица денеска ја одбележа Европската недела на мобилност во соработка со Европската куќа Струмица и Министерството за животна средина и просторно планирање.
-Оваа година, темата гласи „Заштедете енергија“ која го нагласува влијанието што одржливите транспортни решенија го имаат врз климатските цели и врз енергетската и мобилна сиромаштија. Тоа подразбира, преземање активности кои ги охрабруваат луѓето да одберат користење на јавен превоз, возење велосипед, да се одлучат за пешачење како и други „чисти“ транспортни решенија, наместо секојдневното користење автомобили. Неопходно е нашите навики за мобилност да бидат во функција на штедење на енергијата, и притоа тие да бидат дел од заедничките – колективни напори. Општина Струмица, во тој поглед, прави се што е во доменот на нејзината надлежност, преземајќи чекори кои водат кон целта – одговорна и енергетски одржлива општина. Ние сме на вистинскиот пат таа цел да ја достигнеме, рече во изјава за медиумите Томислав Андреев раководител на Одделението за заштита на животната средина.