Денеска се одржа втората работна конференција на Локалниот совет за превенција во општина Струмица. На иницијатива на градоначалникот Петар Јанков, на дневен ред беше актуелна тема – поставување на урбана опрема на јавни површини за вршење на угостителска и трговска дејност надвор од деловен објект, како и узурпација на јавни површини по разни основи.
Покрај градоначалникот Јанков, на конференцијата присуствуваа претставници на општински и државни институции со надлежност во угостителската и трговската дејност, трговци и угостители, советници и претставници на политички партии.
Градоначалникот Јанков, поздравувајќи ги присутните, потенцираше дека целта на конференцијата е запознавање на физичките и правните лица кои вршат угостителска и трговска дејност на јавни површини со измените, законските прописи и конкретните надлежности на општинските и државните институции во оваа област.
– Во делот на користење на јавните површини, најголем дел од забелешките на граѓаните и институциите се за централното градско подрачје, односно на улицата „Благој Јанков Мучето“. Затоа се предвидуваат корекции на одредени позиции, а разговорите беа водени со Секторот за урбанизам и дел од општинската администрација за тоа како јавниот простор да остане достапен за граѓаните, а угостителите и трговците да можат да ја вршат својата дејност, рече градоначалникот.
Раководителот на Наде Михајлова, ги објасни измените во користењето на јавните површини:
– Различно од претходните години, за дел од улицата „Благој Јанков Мучето“ е предвидена тампон зона, односно зелен појас од еден метар помеѓу шеталиштето и кафулињата. Ново е и тоа што Секторот за урбанизам ќе формира комисија која на лице место ќе проверува состојбата од доставениот елаборат за да се утврди дали се исполнети условите за користење на јавните површини. Потоа се испраќа барање до даночното одделение за да се провери дали апликантите ги имаат подмирено обврските кон општината. Откако ќе се плати надоместокот, се издава одобрение за користење на јавните површини. За другите делови, процедурите остануваат исти како досега. Најголеми промени се предвидени за улицата „Благој Јанков Мучето“, каде дел од постоечките објекти немаат активни барања и треба во координација со инспекцијата да се дислоцираат и да се дадат нови позиции за подобар урбан изглед, рече Михајлова.
Објаснувања за користењето на јавните површини дадоа и претставниците на државните и општинските инспекторати и институции, кои одговорија на сите прашања од присутните.

