Во рамките на кампањата 16 дена Ативизам против родово базирано насилство, а во организација на Организацијата на жени од Струмица, денеска во „Вила парк“ се одржа презентација на клучните приоритети на жените од три заедници, населените места Добрејци и Дабиле и 6-урбана заедница во градот.
Градоначалникот Костадин Костадинов ги поздрави учесниците на презентацијата потенцирајќи дека Струмица е и останува родова сензитивна Општина.
Овој проект е уште една потврда за добрите практики и политики на нашата Општина и поддршката што ја даваме на невладиниот сектор.
Овде и сега го гледам резултатот од враќањето на Јавните собири во урбаните и месните заедници и Форумите во заедницата – Буџетски форум 2021/2022 година. Партиципативното учество на граѓаните во креирањето на буџетот и подигање на повисоко ниво на транспарентноста и отчетноста на Општината ќе бидат мои приоритети во овој мандат. Ме радува што денеска разговараме за утврдените потреби и приоритети на жените во нивните места на живеење, а евидентирани од Организацијата на жените од Струмица која работи на јакнење на капацитетите на жените и идентификување на нивните проблеми.
Да се слушнат потребите на жените е од суштинско значење бидејќи сеуште превладуваат стереотипите дека улогата на жената е во домот, во грижата на децата и старите лица. Време е да ставиме крај на тие стереотипи и мислам дека заедно сме на добар пат, рече градоначалникот Костадинов.
Потврдувајќи ја својата поддршка на сите активности, Костадинов најави дека во неговиот градоначалнички мандат ќе работи за рамноправна застапеност на жените во раководните структурии во општинските институции 50-50, развој на женското претприемништво и формирање на здружение на бизнис жени.