Со поставувањето на изложбата „Сто години струмичка ликовна уметност“ од дела на ликовни уметници од Струмица кои твореле во минатото и оставиле траен белег во ликовната култура, синоќа, беше отворена новата Градска уметничка галерија лоцирана во дел од скривницата на плоштадот која порано се користеше за регистрација на бракови.
Градоначалникот Коста Јаневски во својот говор го потенцираше задоволството од реализацијата на овој проект, истакнувајќи дека општина Струмица направи огромен исчекор за доброто на струмичките ликовни творци од градот и општината, но и за оние кои се љубители на нивното творештво, не само од Струмица, туку и за сите добронамерници од земјава и странство. Покрај тоа, оваа Уметничка галерија отвора многу можности и за разни други изложби, работилници, предавања, промоции и други ликовни и културни содржини, како од локален и регионален, така и од национален и меѓународен карактер. Со тоа, богатата културна лепеза на нашиов град ќе ја зацврсти Струмица уште повеќе на мапата на најголемите македонски културни центри. Овој град има повеќе епитети. Еден од нив е и „град на ликовната уметност“. Таков бил, таков е, а сега сум сигурен дека таков и ќе остане, рече градоначалникот Јаневски. Галеријата е дело на општина Струмица и Министерството за култура.