Градоначалникот Јанков и министерот Перински засадија дрвја најавувајќи ја следната фаза на новиот парк во Струмица

Градоначалникот Јанков и министерот Перински засадија дрвја најавувајќи ја следната фаза на новиот парк во Струмица

Градоначалникот Петар Јанков и министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска извршија увид во градежните работи  на новиот парк во населбата Карпош и засадија дрвца најавувајќи ја следната фаза  од неговото уредување.

Според градоначалникот Јанков во наредниот период ќе се врши уредување и раззеленување и на други јавни површини.

-Паркот е со големина од 27.515 метри квадратни и се работи во две фази, во тек е првата која се реализира преку програмата Интеррег во соработка со Европската Унија и министерството за локална самоуправа . Втората фаза ќе биде реализирана во соработка со УНДП – амбасадата на Шведска и министерството за животна средина. Наша обврска е да го уредиме просторот околу паркот со соодветна патна инфраструктура, асфалтен пат, тротоарски пешачки зони за да можата нашите сограѓани да имаат подобар пристап до овој дел на градот и нормално јавното претпријатие „Комуналец“ да го уреди просторот околу паркот. Овде не застануваме. Во периодот којшто следува ќе имаме и други активности за уредување на јавни површини, озеленување и нивно одржување како во градот така и во населените места, изјави градоначалникот Јанков.

Министерот Перински рече дека токму од Струмица продолжува караванот  „Каде што срцето е дома“ и очекува реализација на уште многу инфраструктурни проекти.

-Имавме прилика денеска отворено да позразговараме и со градоначалникот и со новоизбраниот општински совет за сите оние предизвици со кои општина Струмица на дневна основа се соочува. Од наша страна беа презентирани сите оние активности коишто Министерството за локална самоуправа и Владата како целина ги прави за да помогне општините да бидат пофункционални и поуспешни во спроведувањето на своите изворни надлежности. Главен фокус ставивме во делот на проектот Ресурсен центар, и општина Струмица, градоначалникот и нејзината општинска администрација ќе биде првата општина којашто ќе го добие оној Прирачник кој како производ излезе од Ресурсниот центар во насока на помош и поддршка во делот на транзицијата на локалната власт. Јас сум убеден дека со градоначалникот, со неговиот ентузијазам, со ентузијазмот на новите членови на Советот, општина Струмица ќе има можност за реализација на уште многу вакви инфраструктурни проекти коишто се одговор на барањата на струмичани. Нека е со среќа, изјави министерот Перински.

Со новиот парк се добива целосно уредена зелена зона за жителите во новиот дел на градот, односно во населбата Карпош и намалување на загадувањето на воздухот.