Денес градоначалникот Костадин Костадинов зеде учество на граѓанскиот форум „Селекција на отпад за почиста животна средина“, во организација на „Зелен институт“, како дел од активностите на проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).
На почетокот од своето поздравно обраќање градоначалникот Костадинов меѓу другото истакна: „Во секоја општина, во секој град или село, секогаш постојат нешта кои ги ставаме високо на приоритетната листа за реализација, опстојувајќи во намерата, со таквите ангажмани да го подобриме животот на граѓаните. Градоначалниците и Советите на општините постојат токму затоа, да ги решаваат проблемите и да ги следат барањата и потребите на граѓаните. Но, мора да бидеме сите согласни со фактот, дека приоритет над сите приоритети треба да ни биде чистата животната средина и управувањето со отпадот. Една од мерките за успешно реализирање на тој приоритет, е секако селекцијата на отпад“.
Градоначалникот Костадинов ги истакна и низата активности за управување и селекција на отпад, што Општина Струмица ги реелизираше во последните два месеци, а ги сподели и искуствата на тој план од неговата неодамнешна посета на најчистиот европски град Љубљана, при што го посети и Регионалниот центар за управување и селектирање на отпад.