Градоначалникот Костадин Костадинов, денеска, оствари средба со претседателката на Националната платформа за женско претприемништво, Валентина Дисоска, на која се разгледуваа можностите за заедничка соработка во делот на подобрување на опкружувањето за развој на женското претприемништво.
На средбата на којашто присуствуваше и локалниот координатор на проектот, Ксенија Вангелова, Дисоска ги претстави целите на проектот, меѓу кои главните се градење на Националната платформи како главен социјален партнер за креирање политики и реформски процеси, олеснување на структурниот дијалог, вмрежување и консултации меѓу засегнатите страни од женското претприемништво на национално и локално ниво, промовирање на жени претприемачи како двигатели на промените во јавната политика, а се интересираше и за плановите на општина Струмица во однос на унапредувањето на економскиот статус на жената.
Градоначалникот Костадинов ја потпиша Декларацијата за унапредување на женското претприемништво и со тоа ја даде поддршката на политиките и мерките за економско зајакнување на жената. Тој ги презентираше и неговите цели коишто планира да ги реализира во неговиот мандат и беа во неговата предизборна програма, а тоа се развој на женското претприемништво и формирање на Здружение на бизнис жени.
Националната платформата за женско претприемништво се воспоставува преку проект кофинансиран од Европската Унија, а се спроведува од Здружение на бизнис жени во партнерство со Сојуз на стопански комори на Македонија, Национална федерација на фармери и Фондација за менаџмент и индустриско истражување МИР.