Душко Тимов и Даница Тимова се принцот и принцезата кои утревечер заедно со кралот и неговата свита ќе ја предводат карневалската поворка на Струмичкиот карневал 2026.
Тие беа избрани на вечерашниот традиционален маскенбал кој се одржа во хотелот „Сириус“, а кој уште еднаш потврди дека им нема рамни на струмичани за организирање и одржување на забава под маски.
Беше весело и убаво со разновидни маски изработени со многу љубов и труд, прекрасен спој на традиционалното и новото во магијата наречена Струмички чудо.
Почитувајќи ја традицијата и давајќи безрезервна поддршка на карневалските празнувања, и градоначалникот Петар Јанков со сопругата уживаа во маскенбалот своите сограѓани и гостите пријатели на карневалска Струмица.
Карневалската треска ќе кулминира утревечер кога во интернационалната поворка ќе продефилираат 39 маски, домашни и странски.


