Со пригодна свеченост којашто се одржа пред споменикот на Револуцијата во градскиот парк, општина Струмица ја одбележа 80-годишнината од големиот 11 Октомври. За значењето на Денот на востанието и Денот на борецот, зборуваше градоначалникот, Коста Јаневски. Денес е ден за временско премостување. Денес е ден за јубилејно потсетување на еден исклучително значаен датум од македонската историја. 11 Октомври 1941 – 11 Октомври 2021 година.
Поминаа точно 80 години, цели осум децении од големиот ден кој е олицетворение на македонскиот непокор, денот кој ја раѓа во нас желбата за почитување и празнување. Овој ден не кани да ги разбудиме чувствата за незаборав кон еден светол датум и настан, и кон сите оние кои исполнети со верба и слободарски дух оставиле востанички белег во него. Република Северна Македонија е гордо исправена под своето знаме, бидејќи 11-октомврискиот татнеж одекна на тој начин што овозможи оддек за подоцнежни историски случувања кои го креираа хронолошкиот растеж на ова парче балканска земја. Тоа навистина е така, оти да не беше 11 Октомври можеби не ќе беше можно да се случи ни асномскиот 2. Август, безмалку три години подоцна, а веројатно ниту многу други настани кои ја одбележаа нашата борба во времето на Народноослободителната и антифашистичка војна, рече градоначалникот Јаневски.