Општина Струмица и УНДП организираа форум театар против родово базирано насилство „Осуден(а)“

Општина Струмица и УНДП организираа форум театар против родово базирано насилство „Осуден(а)“

Во рамките на меѓународната кампања „16 дена активизам против секаков вид  насилство“, а во организација на УНДП и општина Струмица, синоќа, во Домот на АРМ беше реализиран форум театар против секаков вид насилство „Осуден(а)“.

Претставата составена од два чина, е инспирирана од вистински приказни за суровата реалност на насилството врз жените и девојчињата и предизвика голем интерес кај присутните преку суштински дискусии и размислување за ова прашање.

Учесниците на форумот ги поздрави Петре Танчев член на Советот  на општина Струмица кој нагласи дека само со заедничка работа може да се создадат реални промени.

-Кампањата „16 дена активизам” не е само симболичен период во годината. Таа е глобален повик да не молчиме, да не премолчуваме и да не дозволуваме ниту една жена, девојка или девојче да остане без поддршка, без заштита и без глас.

Како член на Комисијата за еднакви можности, обврска и наша одговорност е да го смениме тоа. Да ja засилиме институционалната реакција, да создадеме јасни механизми за заштита. Да воспоставиме сигурна мрежа каде секоја жена ќе знае дека има каде да се обрати, дека ќе биде слушната, заштитена и поддржана, рече Танчев.

Со ваквите настани, кои ја користат уметноста како простор за заедничко учење и социјална промена, УНДП и општина Струмица ја потврдуваат својата посветеност на создавање побезбеден физички и онлајн простор за сите.