Денеска на плоштадот „Гоце Делчев“ по трет пат се одржа саемската манифестација „Агро саем – Струмица 2023“, во организација на Здружението „Проагро Фармери“ и со поддршка на општина Струмица.
На 40 штандови на храна, 40 штандови на мед, трактори и приклучна механизација, како и ѓубрива и заштитни средства, имаше изложувачи од струмичкиот регион и државата, како и гости од Србија и Бугарија.
Агро саемот го отвори Александар Ненчев, член на Советот на општина Струмица.
-Струмичкиот плоштад „Гоце Делчев“ повторно е ширум отворен за сите оние кои му мислат добро на аграрот и неговиот прогрес. Производството на храна отсекогаш бил стратешки интерес на нашава земја, на Балканот, но и пошироко во Европа и целиот свет. Тоа е особено важно денеска, кога светот се соочува со војни, кризни состојби, висока инфлација, борба за опстанок и преживување и редица други предизвици кои ни ги диктира времето во кое живееме.
Токму затоа, сериозната посветеност кон негувањето и унапредувањето на земјоделското производство, но и на сите други гранки кои се сродни со него, треба и мора да бидат безусловно поддржани од сите чинители во општеството. Битката за храна е битка за живот и во таа битка мора да се опстои до крај.
Имајќи ги во предвид поволностите кои ги има нашиот регион , нашата татковина и овој дел од Балканот, се наметнува потребата од максимално искористување на тие поволности, ем да се обезбеди неопходното количество храна за граѓаните, ем преку конкурентност на домашниот и меѓународниот пазар да им се овозможи добра заработувачка на сите оние кои егзистираат од таа дејност.
Од сите тие причини, радува фактот дека постојат луѓе кои сериозно се фокусирани во остварувањето на својата мисија, да придонесат во прогресот на аграрот кај нас, па и во поширокиот регион, како што се луѓето од Здружението „Проагро Фармери“ и неговиот претседател Борче Јанев, рече Ненчев.