Советот на Општина Струмица го усвои извештајот за буџетот за 2025: Реализација од 93,66 проценти и позитивни најави за 2026

Советот на Општина Струмица го усвои извештајот за буџетот за 2025: Реализација од 93,66 проценти и позитивни најави за 2026

На осмата седница на Советот на Општина Струмица беше усвоен извештајот за извршување на буџетот за четвртиот квартал од 2025 година, кој покажува позитивни резултати и успешна реализација на планираните активности.

Советниците ги усвоија кварталниот извештај, годишниот извештај на општината за 2025 година, завршната сметка, како и извештаите за реализација на општинските програми. Според заклучоците од седницата, сите показатели упатуваат на позитивен тренд и очекувања дека 2026 година ќе донесе уште подобар квалитет на живот за граѓаните.

Градоначалникот Петар Јанков во своето образложение пред советниците истакна дека во 2025 година од планирани 1.520.700.299 денари во буџетот се реализирани 1.424.360.106 денари, што претставува реализација од 93,66 проценти.

Кај основниот буџет реализацијата изнесува 93,76 проценти, кај наменските дотации 98,47 проценти, самофинансирачките активности 62 проценти, додека кај донациите реализацијата е 40,88 проценти.

Во четвртиот квартал од 2025 година приходите во основниот буџет достигнале 597.531.635 денари, што е за 21.527.700 денари повеќе од реализираните расходи кои изнесуваат 576.003.935 денари.

Вкупните расходи во буџетот се реализирани со 95,62 проценти, додека капиталните расходи се реализирани со 81,40 проценти во однос на планираните средства за 2025 година.

На седницата беа усвоени и извештаите за работа на општинските јавни претпријатија, детските градинки, Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“, библиотеката „Благој Јанков Мучето“, како и на Отворениот граѓански универзитет „Јоска Свештарот“.

Советниците ги усвоија и анексите кон годишните програми на општинските училишта за учебната 2025/2026 година, како и повеќе одлуки од областа на урбанизмот.

Дополнително, Советот даде зелено светло на извештајот од процена на штетите од природната непогода – поплава од пороен дожд што во март 2025 година го зафати селото Вељуса.

Во знак на солидарност, советниците донесоа и одлука за донација од 500.000 денари за помош при елементарни непогоди на Општина Кичево.