Советот на општина Струмица ја одржа 47-та седница и усвои важни одлуки за развој, буџет и образование

Советот на општина Струмица ја одржа 47-та седница и усвои важни одлуки за развој, буџет и образование
Членовите на Советот на општина Струмица денеска ја одржаа 47-та седница на којашто се донесоа и усвоија повеќе одлуки, решенија и програми.
Струмица е меѓу првите општини во државата која изготви Интегрален локален развоен план за периодот 2024 – 2027 година и тој на седницата беше усвоен. Зелено светло од советниците добија и предлог одлуките за измена на Одлуката за извршување на Буџетот на општина Струмица за 2025 година, за ослободување од плаќање надомест за престој на деца на згрижувачки семејства во ЈОУДГ„Детска Радост“ Струмица и ЈОУДГ “Виножито“ Струмица за 2025 година, како и предлог одлуките за доделување парична помош на 6 граѓани на општина Струмица во износ од по 60.000 денари.
На денешната седница беа усвоени и предлог планот за запишување на ученици во прва година во средните општински училишта во општина Струмица во учебната 2025/2026 година, предлог програмата за дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во општина Струмица за 2025 година и одлуки од областа на урбанизмот, годишниот извештај за работа на Локалниот совет за превенција на општина Струмица за 2024 година, одлуката за одредување на продажна цена на природен гас и ценовникот за приклучување на корисници на дистрибутивната гасоводна мрежа за 2025 година на ЈПЕД „Струмица – Гас“ Струмица.
Поради немање ученици, на денешната седница на Советот беше донесена одлука со којашто во мирување се става подрачното училиште во населеното место Дорломбос при ООУ „Даме Груев“ од Куклиш.