По повод Денот на заштитниците – Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, денеска, во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ се одржа свечена седница на Советот на општина Струмица, збогатена со пригодна програма каква што му доликува на овој голем и свечен настан за Струмица и струмичани.
На седницата присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Оливера Трајковска, пратеници, претставници на верските заедници и дипломатскиот кор, пратеници, градоначалници од соседните општини, членовите на Советот на општина Струмица и претставници на државни и општински институции.
Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, во своето обраќање пред присутните на седницата, рече дека благословот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици со векови ја крепи верата, духот и тивката достоинственост на овој наш благороден град и денес, кога нашето општество живее во современи услови, вредностите што ги оставија овие светители се уште актуелни: вера, чесност, храброст и посветеност на доброто.
-Нема град што расте ако нема корен. А нашиот корен е токму тука, во подвигот на светителите. Во нивната непокорна љубов кон доброто. Во нивната неисплашена смелост пред неправдата. Денес, и кога улиците ни се полни со светла, и кога градот расте и се развива знаеме дека под тие светла гори и едно друго светло, нешто постаро, нешто посилно, светлото од тивериополските кандила. И навистина, се чувствува мирот над Струмица. Денес, над нашиот град има благослов.
За да чекориме сигурно напред, мора да се ослободиме од сопствените сенки. Мора да престанеме да ја храниме нашата суета, да престанеме да се мериме по тоа кој е погласен, кој е повиден, кој е прв. Зашто силата на заедницата секогаш била поголема од силата на индивидуата.
Во време во кое се чини дека сè се мери преку интерес и моментална добивка, ние мора повторно да ги повикаме во помош свеста и совеста тие два тивки, но најмудри советници на човекот. Тие секогаш ни го покажуваат вистинскиот пат, оној кој можеби не е најкраток, не е најлесен, но е единствениот што води кон вистинска, трајна среќа. Тоа е патот на соработката, на меѓусебното почитување, на солидарноста, на хуманоста.
Пред нас секој ден стои невидлива, но многу вистинска терезија. На едната страна се горчините на човечките слабости . На другата страна се вредностите што нè прават луѓе – љубовта, добрината, честитоста, вистината. И сите ние, но и нашиот Господ Бог и Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, добро знаеме на која страна треба да се наклони вагата. Добро знаеме што останува кога ќе стивне вревата на секојдневието.
Да не дозволиме предрасудите да ни ја бојат секојдневната слика за светот. Да го почитуваме минатото, но да не се заробуваме во него. Да гледаме кон иднината, но да не ја оставаме да остане само сон. Да ја живееме сегашноста со храброст и со љубов. Зашто голем човек не е оној што има најмногу, туку оној што дава најмногу. Да останеме верни на верата, да ги чуваме добрината и светлината што ни ги оставиле светителите, додаде градоначалникот Петар Јанков.
На свечената седница беа доделени годишните награди и наградата за животно дело „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“. Годишната награда ја добија Хуманитарното здружение „Дијаконија“ за особен придонес во општествената и хумамнитарната дејност, Кристина Зимбакова со придонес во уметноста, Карневалското здружение „Струма“ за особен придонес во уметноста и културата, „Серафимов ГРУП ДООЕЛ“ за придонес во техничката култура, УЈП-Регионална дирекција Струмица за особен придонес во воспитниот и образовниот процес, кроводарителот Динчо Стојанов, кој има дарувано крв повеќе од 100 пати и актерот Кољо Черкезов за придонес во областа на културата.
Наградата за животно дело ја добија браќата Георги и Миле Барбаровски за особен придонес во областа на уметноста и културата.
Беа доделени и признанија на гостилницата „Дукат“ по повод 40-годишниот јубилеј, а за придонес кон зачувувањето и унапредувањето на гастрономската традиција и постхумно на Надежда Џидалова – Тенев за успеси во здравствената заштита.



