Општина Струмица добива уште еден булевар, „Братство и Единство“ на првиот изграден булеварски мост во историјата на Струмица „Обединување“ на реката Водочница. Градоначалникот Костадин Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски, членови на истиот и претставници на општинската администрација, денеска беа на лице место за да видат како се одвиваат градежните активности.
-Со огромна радост на струмичанки и струмичани им честитам што уште едно мое предизборно ветување заедно со мојот тим на советници и општинската администрација веќе влегува во последната фаза на реализација. Станува збор за огромен капитален инфраструктурен проект за граѓаните на Струмица, односно поврзување на улицата „Братство и Единство“ со улицата „Агроберза“ што всушност претставува ново грло. За ова булеварско решение имавме најдено средства од Светска банка во износ од 18 милиони денари, но самиот повик не финансираше мостови, што пак ја префрли обврската на мене како градоначалник заедно со советниците да размислуваме за изградба на комплетно нов булеварски мост. Овде сме на терен за да видиме дека мостот е 100 проценти завршен и целосно е општинска инвестиција во износ од близу 30 милиони денари. Ова е убав момент каде што може да ја спомнеме и онаа „пред фактите и боговите молчат“ оти вчера на мое огромно задоволство во име демократијата и зајакнување на капацитетите на Општина струмица, имавме седница за советнички прашања, на која верувам за мене разбирливи причини, бевме осудени, а јавноста и граѓаните, опозициската партија се обиде да ги изманипулира дека не е завршен мостот и дека нема градежни активности на булеварот „Братство и Единство“, но еве денес сме тука, а и вчера ги поканив заедно со нас, оти на таквите проекти мораме сите да им се радуваме, градоначалникот и мнозинството од советниците нема булеварот дома да си го носат, туку останува трајно добро за сите граѓани на општина Струмица, што искрено мене тоа многу ме радува. Кога помалку говориме на празно, а повеќе докажуваме на дела, каков што е овој капитален проект, тоа дефинитивно предизвикува огромна радост кај граѓаните, затоа што самиот проект е барање на граѓаните, рече Костадинов.