Од 18 до 25 февруари годинава ќе се одржуваат програмските активности на Струмичкиот карневал 2026, а главната интернационална карневалска поворка ќе се одржи на 21 февруари.
Ова денеска официјално беше потврдено на прес конференцијата на Организациониот одбор на карневалот на кој присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков. Тој потенцираше дека Струмичкиот карневал е вековна традиција, симбол на Струмица и препознатлив белег на нашиот културен идентитет.
-Оваа наша жива традиција со векови ги обединува граѓаните, ги привлекува посетителите и ја промовира Струмица како град на културата и креативноста. Струмица вложува надеж во нова енергија која карневалот годинава ќе ја добие со новиот Организационен одбор. Како и нивните претходници, така и сегашните, оваа година пристапија со големо внимание и одговорност во подготовките. Затоа, струмичката јавност очекува нивната работа да донесе свеж пристап и квалитетна програма, да донесе уште поголема видливост на карневалот во земјата и надвор од неа, рече градоначалникот Јанков.
Претседателката на Организациониот одбор, Танкица Стојанова, заблагодарувајќи му се на градоначалникот Петар Јанков за поддршката и соработката, детално ги образложи сите програмски активности коишто ќе се одржат во осумтте карневалски денови. Покрај традиционалните настани, Стојанова најави и нови меѓу кои е одржувањето на Карневалски Мјузикл на 19 февруари со почеток во 19 часот во НУЦК „Антон Панов“, наместо досегашниот Концерт под маски и одржување на Концерт за забава со карневалските групи и публиката на главната карневалска вечер, на 21 февруари во 21 часот на градскиот плоштад.
Иако пријавувањето за учество на годинашниот Струмички карневал трае до 5 февруари за карневалските групи од Македонија, а за останатите до 15 февруари, според претседателката на Организациониот одбор, Танкица Стојанова, радува фактот што меѓу досега пријавените има и нови карневалски групи со што се потврдува дека се враќа довербата и заинтересираноста меѓу струмичани за учество на карневалот.
Годинашната богата и разновидна карневалска понуда од општинскиот буџет е поддржана со 3,7 милиони денари.


